Нејмар ја сонува светската титула, сака да го урне и рекордот на Пеле

Нејмар, фудбалскиот репрезентативец на Бразил/фото: EPA-EFE/Paolo Aguilar/POOL

Ѕвездата на ПСЖ, Нејмар, се насочи кон соборување на рекордот на „кралот на фудбалот“, Пеле, кој моментно е голгетер број 1 во бразилската репрезентација со 77 гола.

Нејмар има 74 и со оглед на претстојните пријателски натпревари, мечевите на Светското првенство во Катар и Копа Америка во 2023 година пред него, тоа изгледа целосно остварливо.

Се очекува Нејмар да биде во составот кај бразилскиот селектор Тите за денешниот контролен меч против Гана (20.30 часот) заедно во нападот со Рафиња, Винисиус Јуниор и Ришарлисон.

– Никогаш, никогаш не го замислував моето име покрај името на Пеле. За секое дете во Бразил, спомнувањето на Пеле е еднакво на допирање на Бога. Сакам да постигнувам голови за Бразил, а воедно сакам со репрезентацијата да направиме нешто за паметење на Светското првенство. Не би го коментирал Мундијалот во Русија, но ме боли за тоа што се случи во 2014 година – рече Нејмар за бразилските новинари.

Потсетување дека пред четири години Бразил загуби во четвртфиналето од Белгија (1:2), а во 2014 година се случи оној тежок пораз во полуфиналето (1:7) од Германија пред своите навивачи во Бело Хоризонте.

Противници на Бразил на СП 2022 во групата „Г“ се селекциите на Србија, Швајцарија и Камерун.

Видео на денот