Нејасно е како ќе изгледа проверката пред кафеаните: Инспекторите нема да бараат потврди за вакцинација

Скопје / Јуни 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Не можам да изнесувам детали како ќе го вршиме инспекцискиот надзор, но имаме план и насоки. Нема да толерираме манипулации и злоупотреби на сертификатите. Угостителот не е истражен орган, не може да ги легитимира гостите, но лажно претставување е казниво со закон, предупредува директорката на ДПИ, Анета Симоска.

Инспекторите нема да одат кај гостите во локалите и од нив да бараат потврда за вакцинација, туку таа информација ќе ја добијат од угостителите, изјави за директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симоска, одговарајќи на прашањата на „Слободен печат“ кој ќе ги проверува сертификатите за вакцина, дали инспекторите од ДПИ при вршење инспекциски надзор ќе бараат од гостите да покажат сертификат за вакцина, дали сертификатот на кој нема фотографија од лицето што е вакцинирано може да се злоупотреби и што доколку тоа се случи.

Таа немаше конкретен одговор како ќе знаат дали угостителот во локалот примил само вакцинирани гости.

– Не можам да изнесувам јавно детали за начинот на кој ќе го вршиме инспекцискиот надзор. Можам само да кажам дека имаме план и насоки и дека ќе бараме документи. Нема да работиме само на изјава на угостителот и нема да толерираме манипулации и злоупотреби на сертификатите. Јасно е дека угостителот не е истражен орган и не може да бара легитимирање на гостите, како и проверка на нивните документи, но предупредувам дека лажно претставување е казниво со закон – предупредува Симоска.

Од МВР уште не е побарана асистенција

Доколку е потребно и има побарување за асистенција при вршење инспекција, МВР ќе асистира со полициски службеници, како што се прави секогаш, но од МВР велат дека во  моментов нема никакво барање до нив за редовна контрола при преглед на вакциналните сертификати.

На новите мерки веќе неколку денови бурно реагираат и угостителите. Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора (НУК) вели дека тој ќе биде првиот што ќе го затвори локалот додека е на сила оваа одлука. Тој побарал од премиерот Зоран Заев да се укине одлуката со која се забранува влез во угостителски објекти за невакцинирани лица.

– Независната угостителска комора достави барање до Владата да се укине одлуката за задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти. Се надевам на позитивен одговор за да не мораме да ги затвораме објектите, што реално ќе се случи ако се земе предвид дека најголем процент од вакцинираните граѓани не се гости во ресторани. Младата популација што најчесто се дружи со пријателите во угостителски објекти, не е вакцинирана – објаснува Јосифовски.

НУК: Редарот е дополнително оптоварување

Тој нагласува дека ангажирањето на редарските служби ќе значи нови вработувања, што е дополнително оптоварување за угостителите.

– Не можам келнерот да го ставам да стои на врата, кога ми е потребен за да работи внатре, во локалот. Тоа значи мораме да ангажираме нови. Деновиве се соочуваме со проблем – никој не сака да биде ангажиран за оваа работна позиција. Едноставно, луѓето не сакаат да влегуваат во конфликт, ниту да дискриминираат по основа на примена вакцина – вели Јосифовски и додава дека не очекува во понеделник редици гости кои ќе чекаат за влез во некој локал.

Дали задолжителната имунизација за престој во угостителските објекти се однесува само за гостите или ќе важи и за вработените во објектите, прашавме во Министерството за здравство, од каде што добивме одговор дека вработените не се должни да се вакцинираат.

– Вработените не се должни, иако е препорачано да се вакцинираат. Тие секако може да одат на работа. Целта на оваа мерка е да се спречи поголема група луѓе, односно гости кои се без вакцина да бидат на едно место и со тоа да се намали ризикот и од ширење на вирусот во угостителски објекти – велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот