Неизвесност кога ќе се одржат предвремените избори: Нема гласање додека не се прочисти Избирачкиот список

Претседателот на ДИК смета дека за да донесат нов роковник за изборните дејства прво спикерот Џафери мора да донесе решение со нов датум за изборите, а претходно Уставниот суд треба да го поништи претходното решение со кое изборите беа закажани за 12 април.

Во ситуација кога распуштеното Собрание налага избори, а здравствената криза со корoнавирусот налага продолжување на вонредната состојба, власта и опозицијата јавно го делат ставот дека е рано да се зборува за тоа кога ќе се гласа за следниот пратенички состав и дека е најважно здравјето на граѓаните. Зад кулисите веќе се споменуваат можни датуми како крајот на јуни или почетокот на јули, затоа што е најавено и разлабавување на мерките за социјална дистанца, но се уште е неизвесно дали на 16 мај ќе има потреба претседателот Стево Пенрадовски да донесе трета одлука за прогласување на вонредната состојба во траење од 30 дена или не.

Доколку претседателот Пендаровски не прогласи вонредна состојба по трет пат, се отвора прашањето кога точно ќе се одржат предвремените парламентарни избори што беа закажани на 12 април. Според Уредбата со законска сила со која на 21 март изборите беа прекинати „ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба треба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија“, а потпретседателот на владејачката СДСМ Мухамед Зекири тоа го истолкува дека изборните рокови ќе продолжат веднаш.

– Откако ќе биде укината вонредната состојба, почнуваат да течат роковите, односно 24 дена по укинувањет на уредбата треба да се одржат парламентарните избори во нашата земја – изјави Зекири за „Слободен печат“.

Според неговото толкување, ако на 16 мај Пендаровски не прогласи вонредна состојба, кампањата треба да почне на 18 мај, а изборите треба да се одржат на 9 јуни, а според опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е така и прво треба пак да се ревидира Избирачкиот список.

Дерковски: Роковите ќе ги утврдиме според Изборниот зкаоник

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека прво треба да се определи нов датум за гласањето за да го ревидираат изборниот роковник, а владината уредба не значи дека тие ќе утврдат дека сите изборни дејства ќе продолжат веднаш наредниот ден по прекинот на вонредната состојба.

– Штом ќе прекине вонредната состојба ние ќе донесеме роковник, но датумите во тој роковник ќе ги определиме според Изборниот законик. Потребно е да имаме легитимни и чисти избори, а за тоа е потребен чист Избирачки список. Не може оние што порано приговараа за нечист список сега да не` брзаат. Потребно е да се исполнат определени активности, мора да се ажурира повторнo списокот и во него да се внесат сите оние лица што ќе бидат полнолетни на датумот што ќе биде определен за гласање, да се избришат починатите лица итн. Тоа може да се прави откако ќе заврши вонредната состојба, списокот не може да се прочистува додека вонредната состојба трае. За да донесеме нов роковник потребно е прво да се донесе решение со кое е оределен нов датум за изборите. ДИК не го определува датумот за избори. Штом ќе има определен ден за гласањето, ќе има и точно утврдени изборни рокови за изборните дејствија што преостанаа – вели Дерковски за „Слободен печат“.

И во заклучокот од 22 март со коj ДИК ги прекина изборните дејствија е наведено дека сите дотогашни активности се сметаат за важечки, а „преостанатите дејствија ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на нова владина Уредба за изборниот процес“.

Алексов: Списокот е главен предизвик

И извршниот директор на „Мост“ Дарко Алекосов смета дека Избрирачкиот список е еден од главните предизвици кои произлегоа од замрзнувањето на изборниот процес.

– Имено, Избирачкиот список се заклучи на 11 март и тој ги содржеше сите лица кои до 12 април, односно денот на кој требаше да се одржат изборите, наполнија 18 години. Доколку изборите продолжат од таму од каде што застанале, тогаш сите лица кои стекнале или ќе стекнат полнолетство по 12 април нема да бидат запишани во Избирачкиот список, со што се нарушува еден од основните принципи на изборите, а тоа е универзалното право на глас, односно принципот дека правото го имаат сите граѓани со наполнети 18 години. Одложувањето на изборниот процес во пролетта 2016 година и следствено, поништувањето на изборните дејствија спроведени дотогаш беше направено со акт на Собранието, кое веќе беше распуштено, но се врати во заседание. Сега, за да се надмине оваа ситуација, Владата може да донесе уредба со законска сила со која ќе и дозволи на ДИК да го ажурира Избирачкиот список, односно да ги направи сите промени на податоците кои произлегле од денот кога се заклучи Избирачкиот список, до денот на продолжувањето на изборните дејствија – вели Алексов.

Освен списокот, се уште останува отворено прашањето како ќе биде донесно решение со нов датум за изборите. Дерковски деновиве во медиумите изјави дека изборите треба да ги распише претседателот на Собранието Талат Џафери, а Уставниот суд претходно треба да го стави вон сила, односно да го поништи претходното решение со кои изборите беа распишани за 12 април. Сличен став минатиот месец искажа и спикерот Џафери.

Џафери: Обидот да заседава распуштено Собрание е пуч

Собранието може да се врати само на следните избори и тоа може да го стори народот, изјави спикерот Талат Џафери во врска со иницијативата на 35 пратеници распуштеното Собрание повторни да се состане за да ги потврди одлуките за вонредна состојба на претседателот.

– Собранието може да се врати само на следните избори, и тоа може да го стори народот. Кој било друг начин освен по избори за заседавање на Собранието е обид за пуч – рече Џафери за ТВ21.

Џафери изјави дека се правело притисок врз него за повторно свикување на пратениците и заседавање на Парламентот.

– На 16 февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. Собранието ќе се собере по наредните избори – рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот