Неизвесно во чии раце ќе оди функцијата на Шекеринска

Социјалдемократите наголемо се подготвуваат за 26. партиски Конгрес кој ќе се одржи онлајн утре, на 16 мај. Делегатите на Конгресот треба да изберат 120 нови членови на Централниот одбор и девет членови на Надзорниот одбор, со мандат од 4 години. Централниот одбор е највисокиот орган на СДСМ, а се очекува листата со негови членови, врз основа на пристигнатите предлози од општинските организации, да ја предложи лидерот на партијата Зоран Заев, 

На овој Конгрес треба да се избере нов заменик-претседател на партијата, функција која и припаѓа на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а која најави дека веќе нема да се кандидира.

„Добив прашање од мојата општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена на Северна Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри“, изјави Шекеринска во април.

Партиски функционери се воздржани околу коментарите кој би можел да се најде на втората позиција во партијата и посочуваат дека одлуката најверојатно ќе ја донесе Заев бидејќи, според партискиот Статут, претседателот на партијата го предлага заменик-претседателот.

Извори од партијата посочуваат дека на оваа функција најверојатно повторно ќе биде избрана жена, што било намера на партискиот лидер, а како можен кандидат се погласно се спомнува името на актуелната директорка на УЈП, Сања Лукаревска. Сепак, партиски извори не ја исклучуваат и можноста функцијата заменик-претседател да биде укината, поради што на Конгресот би бил доставен предлог за измена на партискиот Статут.

Лидерот на СДСМ на прославата на 30-годишнината на партијата најави промени кои ќе продолжат на мајскиот Конгрес, преку нова енергија и нови политики. Извори од партијата нагласуваат дека новите кадри ќе треба да бидат на висина на задачите и најавените цели на Заев.

По Конгресот, Заев треба да го избере новиот состав на Извршниот одбор на партијата, новите потпретседатели и секретари на партијата. По Конгресот ќе биде отворена и постапка за избор на кандидати за градоначалници.

СДСМ е сигурен дека е фаворит, фракционерите токмат независни листи

Во јавноста не престануваат шпекулациите дека во десетина градови  се подготвуваат независни листи од истакнати поранешни членови на партијата за настап на локалните избори, по примерот на Охрид. Извори од „Бихаќка“ за Слободен печат велат дека не стравуваат од можноста охридската независна листа составена од незадоволни сопартијци да се мултиплицира и во други градови.

– Секое групирање на независни листи е согласно Изборниот законик и според него, секој граѓанин има право на избори да аплицира со независна листа. Ние не можеме да спречиме некој да прави независни листи. Единството е тоа што го краси СДСМ и во моментов партијата е поединествена од кога било, велат извори од СДСМ.

Нашиот соговорник вели дека СДСМ и на овие локални избори ќе биде фаворит, а меѓу аргументите за победа кои ги посочува се: посветеноста кон граѓаните и државата но, и поради вистинскиот избор на кандидати за градоначалници и советници, без притоа да бидат исполнувани нечии желби и амбиции.

Од друга страна, пак, на прашањето на Слободен печат, кога ќе има нови независни листи на кандидати за локалните избори, во  фракцијата на „незадоволни“ сегашни и поранешни видни членови на СДСМ, кратко коментираат: „Кога ќе дојде време, се ќе излезе на виделина. Јавноста сами ќе ја информираме“. Оттаму, на раководството на партијата му порачуваат да не мисли дека „другите“ се аматери и дека се сомневаат дека проценките во пресрет на Конгресот се вистинските. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот