Неизвесна судбина со ланските ваучери

Фото: EPA

Во туристичките агенции веќе се јавуваат граѓани кои лани имаат уплати што не ги реализираа и добија ваучер за оваа година. Кај дел од нив се јавува дилемата дали ако лани уплатиле за една, сега ќе може да го сменат ваучерот за друга дестинација.

Најбараната дестинација, за која лани главно се издадоа ваучери е Грција. Оваа земја најави дека ќе бара вакцинален картон, а дека ќе има и други посебни протоколи.  Граѓаните стравуваат дали ќе ги исполнат условите за летување во Грција или ќе им пропаднат парите од ваучерите.

– Засега сѐ уште не е извесно ниту дали до летото ќе стигнам на ред за вакцинирање, ниту дали ќе сакам да се вакцинирам. Од друга страна, тестовите ми се дополнителен трошок. Лани имав рана уплата и вон сезона за да поминам поевтино. Пари за тестови немам – вели нашиот соговорник.

Од Министерството за економија за „Слободен печат“ велат дека аранжманите кои беа откажани поради пандемијата, а за кои агенциите имаат издадено ваучери, ќе можат да се користат и за други дестинации доколку агенциите ги имаат во нивните програми. Сепак, агенциите засега се воздржуваат од дециден одговор, дали ќе менуваат аранжмани и дали ќе им враќаат пари на граѓаните. Дел од оние со кои разговаравме велат дека чекаат официјални информации од еснафот, некои велат дека ќе враќаат пари, но во 2022 година, а други одговараат дека тие веќе ги дале парите за закуп на аранжманите.

– Ако некој лани уплатил за Грција, а годинава сака да оди на друго место, ќе може да го смени ваучерот за Турција, со доплата, доколку има потреба од тоа. Ваучерите за странство не може да се менуваат за домашна дестинација – ни рекоа во ТА „Фибула“.

Оттаму потенцираат дека сега нудат и резервации на аранжмани со нула денари.

– Во ова време од годината обично ги продаваме и првите аранжмани. За летување во Грција сѐ уште немаме понуда, но ја објавивме понудата за Турција, од каде што се надеваме дека наскоро ќе ги тргнат задолжителните тестови за ковид-19. На клиентите кои сакаат да летуваат во Турција им нудиме резервација за 0 денари и можност да ги искористат попустите за рана резервација – велат за „Слободен печат“ од туристичката агенција „Фибула“.

Во однос на изјавите во јавноста од страна на туристичките агенции дека им е потребно првенство во вакцинирањето за да може да одат на преговори за закупи, од Министерството за економија велат дека такво официјално барање до нив не е стигнато.

Според процените на агенциите, обемот на работа во овој период е на ниво под 2 отсто споредено со периодите кога состојбата беше нормална.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот