Неисправен вибратор

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Доколку истрагата се сведе на „крив е кабелот“, тогаш нема причина да не поверувам во неисправноста на вибраторот, од кој несреќната кумановка забременила

Не е тајна дека кумановци беа меѓу најзастапените работници во американските воени бази во Авганистан. Работеа вредно и ревносно жителите на Куманово во времето кога Авганистан беше демократска, просперитетна и прозападна земја, а за тоа добиваа натпросечни плати.

Кој бил во Куманово, сигурно слушнал безброј приказни што се однесуваат на добростоечките сограѓани, кои својот стандард му го должат на годините поминати во централноазиската земја. Дел од приказните се вистинити, во дел е тешко да се поверува, а некои се и отворено злонамерни. Особено малициозни се озборувањата за неколку „Авганистанки“, како што чаршијата „зад грб“ ги нарекува сопругите на луѓето што работеа во Авганистан, кои вишокот време и пари го користеле за забавување со локалните момци.

Е, токму во овој корпус малициозни приказни, во кои морам да повторам е многу тешко да се поверува, ја слушнав сказната за неименувана жена, која својот сопруг од Авганистан го пречекала бремена. Проблемот, погодувате веќе за што се работи, бил во тоа што таа била во четвртиот месец од бременоста, а тој едно шест месеци бил отсутен од дома. Нормално дека настапил шок и неверување, за да драмолетката заврши со искажаниот сомнеж на сопругата дека веројатно забременила од неисправниот вибратор.

Реков и ќе повторам дека приказната не само што е малициозна, туку е и неверојатно спектакуларна, на ниво на лош виц.

Но, во меѓувреме дојдоа резултатите од истрагата, која уследи по пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Интересно, пожарот се случил поради неисправниот продолжен кабел, на кој бил вклучен дефибрилаторот и тоа е причината за страотната несреќа. Значи, не е проблем, на пример, несоодветната инсталација или говорам напамет, можеби лошо спроведената конструкција на цевки за довод на кислород. Можеби и материјалот користен за изградба на болницата е лесно запалив, а можеби и не се следени строгите безбедносни протоколи за заштита при работно место.

Не знам, но доколку истрагата се сведе на „крив е кабелот“, тогаш нема причина да не поверувам и во неисправноста на вибраторот од кој несреќната кумановка забременила.

Видео на денот