Нехар травел се закани со тужби до медиумите кои објавија дека нивни автобуси тргнаа за Црна Гора

По вчерашната објава на Слободен печат дека туристичката агенција Нехар травел со два автобуси тргнала на пат за Црна Гора, откако претходно дел од патниците се убедувале со сопственикот на агенцијата да не тргаат, од агенцијата во изјава за Слободен печат велат дека патниците кои сакале да го реализираат патувањето не биле приморани, истите своеволно се качиле во автобус и биле спремни за патување, но биле спречени на ГП Блаце иако не постои препорака да не се патува во Косово и Црна Гора. Слободен печат вчера објави изјави од патници кои ни тврдеа дека агенцијата не сакала целосно да ги обештети и дека инсистирала патувањето да се реализира. Во прилог на нашите објави постиравме и веродостојни видеа на кои се гледаа автобусите на Нехар травел кои тргнаа на пат за Херцег Нови.

На прашањето од Слободен печат, како ќе ги обештетат патниците кои не го реализираа своето патување во Херцег Нови, од кои дел беа приморани да се качат во автобусите кои синоќа после полноќ беа вратени од македонско-косовската граница, а дел пак го откажаа патувањето, од агенцијата ни одговорија:

– Патниците кои сакаа да го реализираат патувањето не беа приморани, истите своеволно се качија во автобус и беа спремни за патување, но беа спречени на ГП Блаце иако не постои препорака да не се патува во Косово и Црна Гора бидејќи се земји без потврден случај на заболени од корона вирус и не постои официјална забрана за премин на ГП Блаце и истите ќе бидат соодветно на ситуацијата обештетени. Денес бевме сведоци на преминување на патнички автобуси на истиот граничен премин.

На нашето прашање, дали до нив веќе има најави дека патниците ќе покренат кривични пријави против присилното реализирање на туристичкото патување, од агенцијата ни посочија:

– Според СЗО, Црна Гора не е подрачје со заразени случаи од корона вирус. Препораките од владата се за подрачја со среден и висок ризик и истите ги почитуваме и ги спроведовме со откажување на 200 патници кои имаа резервирано за Италија, Франција и Шпанија, а уплатените средства им беа рефундирани.

Од агенцијата Нехар травел вечерва испратија и соопштение до медиумите во кое ги демантира вестите објавени на голем дел од порталите, медиумите во врска со настанот од вчера. Соопштението го пренесуваме во целост.

„Нехар травл ги демантира вестите објавени на голем дел од порталите, медиумите во врска со настанот случен на ден 12.03.2020 година, од причина што се истакнати голем број невистинити, тврдења за случувањата околу аранжманот кој требаше да биде реализиран со крајна дестинација Херцег Нови, Црна Гора. Имено, на граничниот премин Блаце вчера вечерта тенденциозно и селективно беа вратени двата наши автобуси без никакво усмено или писмено образложение. Првиот автобус ја помина границата на С. Македонија без никакви проблеми со граничните и царинските формалности. Автобусот пристигна на границата со Косово, граничната полиција ја започна процедурата и ги превзема пасошите од патниците и истите ги врати назад со влезен косовски печат во пасошите. Во меѓувреме пристигна и вториот автобус на граничниот премин Блаце, по што патролно полициско возило на Северна Македонија се упати кон граничниот премин со Косово да го спречи првиот автобус да ја помине Косовската границата на веќе завршената процедура на Косовскиот граничен премин. Во меѓувреме, патниот сообраќај на границата се одвиваше непречено без застои и ограничувања за сите останати возила. Одговорот на прашањата зошто одлучивме да го реализираме патувањето е од следните причини:

  • Фактот што крајната дестинација на аранжманот за Херцег Нови, Црна Гора не се наоѓа на листата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на С. Македонија како земја со висок или среден ризик и се до овој момент е земја без ниту еден регистриран случај на корона вирус (COVID-19)
  • Претходно консултирање со Стопанската Комора за Туризам на С. Македонија (СКТМ) и останати надлежни институции од кои што е добиена информација дека не постои забрана за реализација на патувањето во Црна Гора.
  • Исполнување на законските обврски како организатор на патување, произлезени од договорите за патување согласно утврдените прописи.
  • Исполнување на обврските кон патниците кои не го откажаа патувањето и сакаа да го реализираат истото.

Во дополнување, би сакале и да укажеме на непрофесионалното постапување и известување на голем дел од порталите/медиумите, кои без претходна потврда на веродостојноста на објавените информации пренесоа голем број на невистинити, односно лажни информации поврзани со ТА Нехар Травел, а кои што накратко се однесуваат на следното:

  • Информацијата дека агенцијата организирала туристички аранжмани во високо ризични земји, односно дека постапувала спротивно на забраните на Владата на Република Северна Македонија, е информација која што најостро ја демантираме, а со оглед на фактот дека Црна Гора воопшто не се наоѓа на листата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на С. Македонија и не претставува земја со висок или среден ризик.
  • Информацијата дека агенцијата ги присилувала патниците да не ги откажуваат резервациите, односно да патуваат, претставува апсолутно невистинита информација. Сите патници беа дојдени по сопствена желба и избор.
  • Информацијата дека возачите на автобусите одбивале да постапат согласно наредбата од надлежните органи, повторно е невистинито и лажно обвинување. Со ваквото постапување на дел од медиумите, на ТА Нехар Травел е нанесена ненадоместлива штета на угледот граден со години, поради што агенцијата ќе се обрати поединечно до секој портал/медиум со барање за објавување на демант, јавно извинување и повлекување на објавените лажни информации во врска со аранжманот за Црна Гора. Воедно, сакаме да потенцираме дека и денес на граничниот премин Блаце не постои забрана за движење на патници и возила и непречено се пропуштаат сите возила и автобуси. Во однос на обештетувањето на патниците, ја информираме јавноста дека како и досега ќе постапуваме согласно важечките Општи услови за патување на СКТМ и ТА Нехар Травел“, се вели во сооптението на Нехар травел.

Нехар травел дополнително испрати и закана за тужба за Слободен печат преку нивниот адвокатски застапник доколку Слободен печат не објави нивен демант, извинување до нив и доколку не ги повлече претходно објавените написи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот