Недозволиво: Аптекарите не го даваат „ивермектинот“ на тој што прв ќе дојде, туку на тој што ,,го резервирал”

Аптекарите не ги услужуваат пациентите кои ќе влезат да побараат „ивермектин“ по принципот ,,прв дојден прв услужен”, туку прават ,,резервации”. Читателка на „Слободен печат” е револтирана што и била одбиена услугата во аптека во скопската населба Карпош, иако внатре влегла да го побара лекот со веќе претходно издадена рецепта од матичен лекар и со индикација како што препорачува Министерството за здравство.

– Вчера бев кај матичната лекарка да земам рецепт за „ивермектинот“ бидејќи во семејството имаме хронично болен и сакавме да го имаме лекот за не дај Боже. Отидов во аптека со рецептот и аптекарката најнапред ми кажа дека го имаат лекот на залиха. Кога се обиде да најде кутија на полицата, колешката и кажа дека две кутии се резервирани и дека за мене нема. Ме препратија да дојдам друг ден кога ќе го добијат пак, а во меѓувреме и за мене направија ,,резервација”, ни рече Maja Т. од Скопје.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, за ,,Слободен печат” тврдат дека не е дозволливо да се прават резервации, туку оној пациент кој што прв ќе го побара лекот, доколку тој е на лагер, треба и да го добие!

– Направивме надчовечки напори да го добиеме „ивермектинот“. Не е дозволиво да се прават резервации, треба оној пациент што прв дошол да го побара, прв и да го добие. Го има во аптеките и ќе го има се повеќе, зависно од тоа дали веледрогериите ќе ја користат целосно дозволата која им е издадена за три месеци. Станува збор за лек кој првпат го имаме во земјава, донесен е со интервентен увоз и потребно е неколку дена трпение за да може да се стабилизира работата, изјави за „Слободен печат“ директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани.

Станува збор за антипаразитен лек со широк спектар на делување, висока ефикасност и висока безбедност.

Лекот Ерметин, во таблети од 3 милиграми и десет во пакување од турскиот производител СанВеТик се продава по цена од 300 денари. По лекарска препорака тој може да се земе и како превенција, а дозите ги одредува лекарот во зависност од телесната тежина на пациентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот