Недостоен!

Неодамнешниот протест на кој во првите „борбени“ редови беше Христијан Мицкоски, а кој имаше за цел да даде поддршка на таканаречените „уставобранители“, е несомнено најсериозниот настан што потврдува дека Мицкоски никогаш не треба да дојде на власт во Македонија.

„Достоен, достоен!“ или „аксиос“ во оригинал на грчки, е литургиска акламација која присутните ја извикуваат за време на ритуалот на востоличување верски поглавар или висок црковен великодостојник во православните цркви. Тој симболизира дека заедницата го прифаќа својот нов пастир, но претставува и еден вид молитва во која се бара тој да биде достоен во извршувањето на својата нова функција.

За еден пример, спротивен на овој, ќе стане збор во денешнава статија.

Несомнено, идејата на секој водач на опозициска партија е еден ден да дојде на власт и да стане премиер или претседател. За да се случи тоа, тој треба да го убеди мнозинството граѓани да го дадат својот глас за неговата партија. Од постапките и од делувањето на лидерот на најголемата опозициска партија во државава, не може да се заклучи дека тоа е и негова цел.

Имено, целокупното дејствување, однесување, вклучително и изјавите и коментарите во медиумите и по социјалните мрежи на господинот Мицкоски во најмала рака се проблематични, а поголемиот дел од нив се и спротивни на интересите на Македонија.

 

Без чувство за државност

 

Најбенигниот негов коментар, во последно време, но би рекол и најмалициозниот, беше осудата на здравствените работници кои, користејќи мал момент на одмор и релаксација, запеаја и заиграа во празната сала „Борис Трајковски“, најверојатно пред почетокот или на крајот од напорниот работен ден. Секој што следи колку пожртвувано и беспрекорно нашите здравствени работници се жртвуваат за сите нас во изминатиот период, барем со малку симпатии и поддршка ќе го проследеше овој нивен момент на опуштање, но не и Мицкоски. Како воопшто човекот, кој за време на пандемијата и додека за тоа имаше забрана, скришно посетуваше бодибилдинг клубови и кафеани, може да си дозволи да го коментира однесувањето на медицинските лица кои, токму поради тие како што е Мицкоски, не можат веќе повеќе од една година нормално да живеат, ставајќи им се на располагање на граѓаните.

Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, исто така, зборува за слабото чувство за државен интерес, кое на секој чекор го манифестира Христијан Мицкоски. Немаше круната од главата да им падне на пратениците на оваа партија, доколку без драма и театар, гласаа за новиот пакет антикризни мерки кој во овие тешки времиња им е толку многу потребен на граѓаните. Илјадниците амандмани поднесени на предлогот за Закон за изградба на нов клинички центар, со кои, де факто, овој проект од витално значење за државата и народот е закочен, е само уште еден пример за тоа дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски нема чувство за интересите на граѓаните. Зарем во изминатава една година не му стана јасно на секој (изгледа не и на Мицкоски) дека здравствениот систем мора да се доградува и да се унапредува и дека извлекувањето на Клиничкиот центар од центарот на градот е добро решение.

Неодамнешниот протест на кој во првите „борбени“ редови беше Христијан Мицкоски, а кој имаше за цел да даде поддршка на таканаречените „уставобранители“, е несомнено најсериозниот настан што потврдува дека Мицкоски никогаш не треба да дојде на власт во Македонија.

И, ако тоа не беше јасно дента кога се одржа протестот, стана многу појасно само неколку дена подоцна кога во јавноста излегоа разговорите на двајца од оние за кои протестираше Мицкоски, а кои на најдиректен начин му се заканија, со убиство, на премиерот Заев и на неговото семејство. Да се застане во одбрана на луѓе што така ладнокрвно разговараат за убиства, а пред тоа се огрешиле пред законот, затоа биле осудени и се наоѓаат на отслужување на затворска казна во согласност со важечките законски прописи во државава, во најмала рака е акт на соучесништво!

 

Папочна врвца со Будимпешта

 

Поддршката, пак, на насилниот упад во Собранието, личното учество во тој настан и неоградувањето од насилството, сторителите и од организаторите ни по четири години, зборува за немањето слух за тоа што се стратешки интереси на Македонија, кој е тој кој стои зад нашата независност, просперитет и евроатлантска иднина. Ако на Мицкоски не му е јасно дека вибрациите од елисите на хеликоптерите на американското воено воздухопловство што беа пуштени во погон вечерта на 27 април и беа подготвени да полетаат од базата Бондстил кон Скопје, беа единствените кои ја спречија ескалацијата на состојбата, тогаш тој дефинитивно не знае кои се нашите меѓународни приоритети и интереси.

Од постапките на Мицкоски, јасно се гледа дека тој се уште ја нема пресечено папочната врвца со неговиот претходник кој ги троши украдените пари на граѓаните уживајќи во лагодниот живот во Будимпешта. И уште полошо за него, таа врвца пополека почнува да се замотува и да се стега околу неговиот врат влечејќи го назад кон повампирување на груевистичкото минато и времето кога во Македонија владееше страв и репресија.

Тоа време повеќе никогаш нема да се врати, а на следните или на кои било други избори на кои предводник на опозицијата ќе биде Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се врати на власт и да формира влада. И тогаш, граѓаните со право ќе воскликнат: „Недостоен, недостоен!“

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот