Недостигот од паркинг – места не го „урна“ игралиштето близу Домот на градежниците

Поголема површина со зеленило, нов локален мал парк на земјиште каде што требаше да се гради станбена зграда, но и обврска сите нови објекти на својата парцела да обезбедат паркинг-места, ова, меѓу другото, го предвидува новиот ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници, кој деновиве доби зелено светло од Советот на Општина Центар. Станува збор за урбанистички план за градска четврт, која во голем дел е реализирана, каде што нема многу простор за интервенција и каде што голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба.

Деталниот урбанистички план го опфаќа просторот што се протега помеѓу булеварите „Свети Климент Охридски“, „Партизански одреди“, „ВМРО“ и улицата „Димитрие Чуповски“, во чии рамки спаѓа и Домот на градежниците. На овој простор, освен петте дванаесеткатници и неколку блокови од Градски ѕид,  има и повеќе згради и огромен проблем со паркирање, поради големиот број домаќинства, а недоволно паркинг-места.

Поради тоа, во стариот ДУП беше предвидено на местото на детското игралиште, кое се протега на околу 400 метри, да се направи паркинг. И покрај проблемот со паркирање, тамошните жители не се согласуваа да се тргне игралиштето, затоа што токму овој простор е место каде децата имаат место за игра, а соседите се релаксираат особено во летниот период. Во новиот план игралиштето е зачувано и останува постојниот паркинг до него, но сите нови објекти се обврзани да обезбедат неопходен број паркинг-места во својата парцела.

– Главните придобивки од новиот ДУП се: значително зголемување на парковското зеленило, со што речиси 13 отсто од оваа четврт е под зеленило, задржано е детското игралиште наместо изградба на нов паркинг и избришан е еден објект за станбено домување, а на негово место ќе никне уште еден, нов локален парк – информира градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Во споредба со стариот ДУП, кој предвидуваше 4.043 метри квадратни парковско зеленило, во новиот план има вкупно 5.889 метри квадратни, со што речиси 13 отсто од површината на четвртта е зеленило. Избришана е една станбена зграда, која според стариот план би се градела на државно земјиште, а во новиот план заменета е со локален парк од 262 метри квадратни и пешачка патека.

– Стариот план предвидува заеднички подземен паркинг за дел од парцелите, воедно предвидена е пристапна улица на местото на пешачката патека „Кај Маршалот“. Со новиот план секој објект треба засебно да предвиди паркирање. За објектите од внатрешноста на блокот се предвидува пристап преку пасажи од улицата „Максим Горки“, со што се задржува пешачката патека „Кај Маршалот“ и таа нема да стане улица за автомобили – велат од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека и во овој Детален урбанистички план е видлива заложбата на Општина Центар за зазеленување на општината, нормализирање на животот на жителите и обезбедување хумани и пристојни услови за живот и престој во општината.

ДУП Градска четврт Ц 04 – Дом на градежници е уште еден од ревидираните планови кој се донесе откако градоначалникот Богдановиќ на почетокот од својот мандат стави мораториум за градба на 31 ДУП што претходно беа усвоени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот