
Недоразбирање во сообраќајот било причина за пукањето во Чаир, велат од МВР
Недоразбирање во сообраќајот, според Министерството за внатрешни работи, било причина за расправија меѓу две групи што резултираше со пукањето што се случи синоќа на паркинг во Чаир.
Препорачано
Според дополнителните информации од МВР, пукањето се случило десетина минути пред полноќ, а потоа од Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди се донесени две лица од Скопје на возраст од 35 години.
Едниот повреден, Хебиб Буњаку според нашите неофицијални информации е син на поранешен висок функционер од ДУИ, Екрем Буњаку, а другиот повреден Аритон Дарлишта е задржан на лекување откако врз него била извршена интервенција.
Во болницата било донесено уште едно повредено лице, а за инцидентот приведени се четири лица.
– По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција. По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје. Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото – велат од МВР.
Според нашите неофицијални информации, починатиот и неговиот брат биле вработени во државни институции, а татко им бил директор на Државен инспекторат за техничка инспекција.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени.
-Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините – соопшти Јавното обвинителство.
Приведените биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.