„Недопирливиот“ и групата – 55 години затвор за масовното нелегално прислушување

Скопје, 26 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

На Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, му е изречена 12-годишна казна затвор за масовното незаконско прислушување од 2008 до 2015 година. За делото „Таргет-Тврдина“ четири години зад решетки ќе биде и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, а за виновни се прогласени и сите други обвинети во предметот што го отпочна тогашното Специјално јавно обвинителство, а го презеде ОЈО.

Изрекувајќи ја пресудата, судијката Џенета Бегтовиќ истакна дека обвинетите се ставиле над законот, уривајќи ги правните темели на државата. Според неа, Мијалков и другите обвинети за злосторничко здружување, создале за себе слика дека се недопирливи, а оштетените загубиле секаква доверба во државните органи.

Бегтовиќ:  Правдата не смее да е селективна

– Сите се еднакви пред законот. Во ова општество мора да владее правдата, правдата не смее да е селективна. Повредено е и начелото на приватност, кое е уставно неприкосновено. Оваа пресуда упатува порака во иднина никогаш повеќе функционерите да не сторат вакво дело, а припадниците на пониските структури да ги истражуваат постапките на надредените службени лица, поради значајноста на безбедносниот сектор – истакна Бегтовиќ.

За делата за кои се товареа, по 15 години затвор се осудени и пребеганите во Грција поранешни разузнавачи, Горан Грујовски и Никола Бошковски. Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, е осуден на шест години затвор. За сите обвинети беше донесена вкупна казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.

Обвинителката Ленче Ристовска која го застапуваше предметот истакна дека во најголем дел е задоволна е пресудите, а допрва ќе се разгледува дали ќе поднесат жалби за висината на казните за дел од обвинетите. На барање на ОЈО, судечкиот совет одобри ефективен притвор за првообвинетиот Мијалков, но во времетраење од 60 дена, а ќе биде спроведен до Истражниот затвор „Скопје“.

– Мерката куќен притвор не е доволна за обвинетиот Сашо Мијалков. Како Обвинителство бараме ефективен затворски притвор. Ова барање се должи на фактот што полицијата нема ресурси за да го исполни очекувањето за визуелно следење во куќен притвор – рече Ристовска, додавајќи дека станува збор за добро ситуиран човек, кој може да обезбеди логистика за живеење во бегство.

Во врска со должината на притворот на Мијалков, Ристовска истакна дека за сите дела што му се на товар се води скратена постапка, во која роковите за притвор се кратки. Поради тоа, потенцира Ристовска, по објава на пресудата максималната должина на притворот е до 60 дена. За адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, досудената казна е превисока, а одлуката за затворски притвор е противзаконска.

– Сметам дека е драконска казната. Нема да најдете ниедна пресуда со максимална казна за секое дело. Во однос на одлуката на судот за ефективниот притвор, сметаме дека е спротивна на закон. Не постои можност да се даде во бегство. Максимално може да биде 60 дена во притвор, освен ако Апелација одлучи пред истекот на тие 60 дена – рече Шврговски.

Според судијката Бегтовиќ, 130 оштетени побарале отштета за нарушувањето на приватноста, а за нанесената штета на опремата, главнообвинетите ќе треба да ѝ исплатат повеќе од еден милион евра на Агенцијата за национална безбедност.

Заев: Правосудниот систем e независна власт

Пресудата беше предмет и на политички реакции. Веднаш по изрекувањето на пресудата, на својот фејсбук-профил се огласи премиерот Зоран Заев.

„Правосудниот систем e независна власт и денес гледаме дека ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секој без исклучок. Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните“, напиша Заев, додавајќи дека времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери е оставено во историјата.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, јавноста била сведок на театар организиран од власта.

– Овој систем во Македонија е на клиничка смрт, би рекол на апарати, бидејќи навистина ништо не функционира. Навистина нема правда. Сето ова е циркус, сето ова е театар. Си поигруваат со интелигенцијата на народот. Видовте што се случува овие неколку денови, срамно, жално – рече Мисајловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот