Недемонтирана „заробена држава“

Во предговорот на своето епохално дело „Доба на екстремите – историја на кусиот дваесетти век 1914 – 1991“, Ерик Хобсбаум го цитира стихот на Т. С. Елиот: „Со ова, ете, светот окончува – не со трескот ил татнеж, туку со тивко кмечење“. Токму тоа жално кмечење и сквичење ќе беше доминантната звуковна експресија што ќе го брануваше воздухот над библиската земја, да останеа Груевски и неговата ВМРО на власт до денешен ден. Тоа што денес чаршијата татни со моќен демократски, правдољубив, бесен и осветољубив, дури зол, крволочен и линчерски тон, вперен (не секогаш безразложно, мора да се признае) кон килавата демократија што ја замени вмровската диктатура, е секако премногу очигледен доказ за разликата во видот и димензиите на слободата што ја уживаме по смената на власта во 2017.

Но, запрепастува интензитетот на заборавот што денес ја потпира, а можеби и ја овозможува оваа чаршиска бучава што денешните власти ги изедначува со претходните: како никој да не се сеќава дека низ целата деценија од вмровската партиско-мафијашко-полициска диктатура етерот го полнеа само гласовите на строго увежбаните илјадагласни вмровски ораториуми? Што ја славеа единствената дозволена вистина за исполнетиот вековен сон на „сите македонци“ за овоземниот рај, отелотворен во органското единство на вемерето, државата македонска, светата земја и крвта македонска (и, разбира се, парите и добрата македонски, отуѓени и тргнати на сигурно). Во таа деценија беше можно да се чуе одгласот само на неколку гласови што отскокнуваа од провладиниот хор, едно малубројно „антипротивно“ друштво, што се пушташе во етерот одмерено, како што филмските тон-мајстори пуштаат наснимано далечно црцорење на штурци, или, ако се работи за урбана сцена – звук на далечни амбулантни сирени, како заднински шум кој ѝ дава реалност на ситуацијата и го легитимира главното дејство на филмот.

Што ни раскажа Хобсбаум

Хобсбаум инсистира на неопходноста од објективните историски истражувања и реконструкции на минатото што ќе го овозможат колективното сеќавање, без кое не е можно ниту сфаќањето на секогаш новата и зашеметувачки менлива сегашност. Тоа е така зашто единствените цврсти ориентири во ноќната пловидба по непознатите води на иднината се моралните и културните вредности што ни ги испорачува единствено историската меморија. Сликувајќи го тешкиот предизвик што секој сериозен историчар – практично секој мисловен човек – го има истопорен пред заборавот што ги ништи сите вредности и ги соборува сите знаци покрај патот, Хобсбаум раскажува за прашањето што му го поставил интелигентен и гладен за знаења американски студент: дали, прашува студентот, фразата „Втора светска војна“ значи дека постоела и „Прва светска војна“? Хахаха! Коментарот на историчарот е дека денес веќе ниту познавањето на основните факти за непосредното минато не може да се земе здраво за готово.

Можам да му ја замислам фацата на големиот научник, со падната вилица, подотворена уста и оџагорени очи, кога се соочил со огромноста на незнаењето и заборавот и на оние што историското паметење го одбрале за животна вокација. Но, не можам никако да си ја претставам неговата реакција, да можеше да ги доживее космичките димензии на нашето малоумие: студентот, сепак, зборувал за нешто што се случило половина век пред тој да се роди, додека во библиската земја значаен – да не речам превладувачки – дел од возрасното население не може да се сети ниту на настаните што се случиле пред две смрдени години, а камоли на премрежињата од пред деценија или повеќе години!? Јасно е дека оваа ендемска епидемија на деменција на населението на библиската земја не е (само) медицински случај, туку е психосоцијален проблем што го „замесиле“ големи и влијателни општествено-политички чинители.

Изостанаа неопходните катарзични дејства

Според моето скромно мислење, колективната македонска деменција влече потекло од настаните што ѝ претходеа на смената на вмровската диктатура, исто колку и од начинот на кој таа беше деложирана од „Илинденска“, без број. Сите наши денешни проблеми потекнуваат најмногу од фактот што вмровската диктатура воопшто и не беше соборена и демонтирана – како што на злосторничка диктатура единствено и прилега, туку таа беше сменета со рутинска легална процедура, како да се работи за нормална демократија, а не за „заробена држава“, односно во секој поглед нелегална и криминална партиско-полициска мафиократија.

Поради таа мека и несоодветно легалистичка смена на власта, изостанаа сите неопходни катарзични дејствија кои едно тешко заболено општество мора да ги помине во процесот на постдиктаторското заздравување. Изостана девмроизацијата на државните органи и на целото општество, изостана декретенизацијата на културните предели на библиската земја, изостана длабокото орање и плевењето на криминализираното законодавство, и, се разбира, изостана чистењето на споменичните и архитектонските фекалии од јавниот простор на престолнината – прејасниот знак на уништувањето и кретенизацијата на интелектуалната и самоидентификациската срцевина на нацијата.

Така што, почитувани читатели, повиците против она што го прави оваа власт се во најголема мера голо малограѓанско и ситничарско мрчење, во кое водечкиот тон го даваат вмровските хистерични и апсурдни пискотници во кои се повторува – од збор до збор – врисокот на нивните жртви од децениската диктатура. Она што навистина не може да ѝ се прости на денешната млада номенклатура е она што таа не го направила и што упорно и понатаму не го прави, а тоа е денацификација на општеството и демонтирање на моќниот вмровски државен апарат на „заробената држава“ што и ден денес – обезглавена од врвот на својата субординативна пирамида – владее со државата со пасивна блокада и тапа инерциска опструкција на сите законодавни и управно-правни процеси.

Па така, ќе прашате: дали фразата „заробена држава“ значи дека претходно била слободна, а потоа ослободена, или ништо од тоа воопшто не се ни случило?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот