Недемократски е политичка битка да се решава со органи на прогон

Фото: Архива

Интервенција на органи на принуда за функционирање на Собранието е недемократски чин. Ултимативно дејствување во Собранието ни како закана не е прифатливо. Не ценам дали дејствувањето на претседателот на комисијата е оправдано или не, но решенијата треба да се бараат во парламентот, а не преку органите на прогон, вели кривичарот Гордан Калајџиев.

Несоодветна и недемократска е заканата на претседателот на Собранието Талат Џафери преку органи на прогон да повикува да се решава политичка битка и функционирање на Собранието, смета проф. д-р Гордан Калајџиев, кривичар на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Џафери претходно ги повика институциите да го штитат Уставот за да може Собранието непречено да работи. Притоа не го спомена пратеникот по име, но јасно е дека алудира на претседател на собраниската Комисија за надворешни работи Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој не ја свикува седницата за избор на амбасадори.

Калајџиев за „Слободен печат“ вели дека членот 353 од Кривичниот законик, на кој се повикува Џафери, повеќе се однесува за лица што се инволвирани во коруптивни дејствија.

– Несоодветна е заканата на претседателот на Собранието. Ова е повеќе политичка борба и несоодветно е да се решава со органи на прогон какви што се МВР или Обвинителството. Интервенција на органи на принуда за функционирање на Собранието е недемократски чин. Ултимативно дејствување во Собранието ни како закана не е прифатливо. Не ценам дали дејствувањето на претседателот на комисијата е оправдано или не, но решенијата треба да се бараат во парламентот, а не преку органите на прогон – вели Калајџиев.

Членот 353 од Кривичниот законик, на кој се повикува Џафери, се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување. „Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“, предвидува овој член.

Калајџиев додава дека треба да се цени која е политичката одговорност за злоупотреба на функцијата и тоа да се разреши во рамките на Собранието. Интересно е дека Калајџиев и самиот сакал според тој член да го тужи Џафери, но токму поради несоодветноста оти станува збор за законодавен дом, се премислил.

– Џафери три години не сакаше да одобри сметка за телото за контрола на прислушувањето во кое јас и Маргарита Цаца Николовска бевме избрани токму од Собранието, иако за неговото функционирање имаше пари. Тој одбиваше да потпише да се отвори сметка за да може телото да функционира. Со тоа Џафери директно спречи да ја вршиме функцијата за која бевме избрани. Тоа е истата ситуација што сега Џафери ја вели за Милошоски. Јас и Цаца Николовска си поднесовме оставки и никого не го болеше уво за тоа – вели Калајџиев.

Иако побаравме, не добивме одговор од претседателот на Собранието зошто тој не поведе кривична пријава против Милошоски. Дали станува збор за форма на притисок кон опозицискиот пратеник, бидејќи јасно е дека Милошоски има пратенички имунитет што може да му се одземе само ако е затекнат во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, што во случајов не е.

Џафери во интервју за ТВ Сител рече дека очекува институциите да дејствуваат.

– Има изјава на претседател на комисија: „Нема да одржам комисија затоа што нема да дозволам тој и тој да оди таму и таму“. Јавна изјава на претседател на комисија дека нема да дозволи, а е обврзан со Деловникот тоа да го направи, се коси со Кривичниот законик. Има институции што треба тоа да го оценат и проценат. Не може никаде во светот некој Собранието да го попречува да ги завршува своите функции, најмалку претседателите на комисиите. Претседателите на комисиите се поставуваат над пленумот и со ова треба да се позанимаваат другите институции. Јас ако ова го кажувам јавно, а сум должен да го направам, според Кривичниот законик, тоа е дефинирано во членот 353. Има институции што треба да ги штитат Уставот и законитоста – рече Џафери.

Милошоски неодамна најави дека како претседател на Комисијата за надворешна политика ќе вложи максимални напори во Њујорк да не дозволи да нè претставува Љубомир Фрчкоски. Неговата реакција уследи откако Џафери соопшти дека во Собранието стигнало известување од Министерството за надворешни работи дека Фрчкоски ќе биде амбасадор на Северна Македонија во седиштето на ООН во Њујорк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот