Нечовски: 15 години едни исти луѓе нижат неуспеси на Евровизија, а никој од нив не бара одговорност

Љупчо Нечовски, Фото: Приватна архива

Љупчо Нечовски, кој е пасиониран фан на Евровизија и еден од најдобрите познавачи на ова музичко натпреварување кај нас, со отворено писмо до евровизискиот тим на „МРТВ“ реагира на најавите дека Македонија од идната година може да се повлече од натпреварувањето.

– Да, во последниве четири години бројот на негативни коментари кога станува збор за претставувањето на нашата земја на Евровизија е навистина голем. Мене ме изненадува тоа што како јавен сервис, платени од нашите јавни пари, наместо да направите една анализа за лоцирање на слабостите во нашите Евровизиски претставувања и да работите на исправање на истите, вие погледнувате кон опција која не ве прави ништо повеќе од еготрипосани „drama queens“ кои не се способни да се носат со своите лични и тимски неуспеси. Не одлука, туку самото размислување на откажување од Евровизија како опција е страшно многу незрел и неодговорен пристап, и е само црешата на шлагот за тоа колку Вашиот тим повеќе нема идеја како да пристапи на еден настан како Евровизија, напиша Љупчо.

По осудата за незрелата одлука на МРТВ, како што ја врамува Љупчо, продолжува да објаснува дека правилен пристап би било правење на анализа на нашите евровизиски настапи, на кои им е исклучително тешко да се пласираат во финале.

– Прво, во последниве 15 години активно учество на Евровизија, Македонија се пласирала во финале само два пати. За сиве овие години вие не успевате да си ги чукнете главите и да истражите зошто е тоа така и како може да се поправи, нешто што го направија многу други земји кои сега на Евровизија нижат успеси. Ниту еднаш, откако Евровизија завршува, не ја видовме шефицата на делегацијата Мери Попова или некој друг од тимот да излезе на прес-конференција и да каже барем зошто мисли дека не сме се пласирале во финале и што има намера „МРТВ“ да преземе за да го поправи тоа догодина. Со ваквиот пристап само ѝ давате на Евровизија и на нашето претставување таму елитистички карактер и ја отсекувате јавноста од процесот, и создавате впечаток дека Евровизија е само изговор на тимот одговорен за истата во МРТВ да се прошета некаде низ Европа во мај на државен трошок.

Љупчо продолжува со коментирање на одговорниот тим на „МРТВ“, за кој вели дека остава впечаток дека Евровизија е изговор да се прошета некаде низ Европа во мај на државен трошок.

– Второ, не можете и не смеете целиот терет за претставување на државата во најдобро можно светло да го оставите само на пејачите кои ги праќате на Евровизија. Заборавате дека и тие пејачи се луѓе, со чувства, желби и стравови, подложни на емоции и способни во дадени моменти да направат грешки. Лошото е што во тие моменти на грешки вие ги оставате сами пред бурата негативни и одвратни коментари од јавноста. Дури и кога не сме имале скандали, пејачите носат преголем терет на себе, бидејќи нацијата очекува достојно претставување, а во тој процес се чини дека токму поддршката на вашиот тим изостанува. Во случајов со Андреа, и нејзината мала будалеста грешка, просто сум шокиран како вие, како Евровизиски тим, веднаш се оградивте од неа и нејзината постапка, како божем Андреа сама отишла во Торино, сама си организирала и финансирала сè, и затоа сама ќе се носи со обврската како претставник на Македонија на Евровизија. Вака беше чинам и со многу други претставници пред Андреа, кои ги остававте сами на себе. Разбирам дека националниот сервис не е во поволна финансиска положба, но проблемот кој го имате е многу поглем од пари и материјална безбедност, и се надевам ќе го согледате и решите набргу.

Во конструктивната критика, тој објаснува зошто смета дека оградување од „малата будалеста грешка“ на Андреа е неодговорно.

– Трето, во ретките моменти каде „МРТВ“ не го одбира нашиот претставник интерно, и решава да организира јавен избор, истиот е скоро секогаш проследен со низа грешки и неправилности, отворајќи простор за сериозни сомнежи околу транспарентноста на изборот и кредибилитетот на „МРТВ“ како државен јавен сервис. Народот, за парите кои ги вложува кај вас, сака да види програма на ниво, беспрекорна организација, и пред сè и над сè, транспарентен и фер процес на избор на претставник на Македонија на меѓународни настани и натпреварувања, а не студивце склопено во 5 за 12, каде главните ѕвезди, пејачите, дремат на коњопои, не ги пејат своите песни во живо, и заедно со нас проследуваат гласање на графички приказ направен како од основци во Пејнт и Пауерпоинт 98.

Ете, токму тука се слабостите поради кои е нарушен имиџот на „МРТВ“ кога станува збор за Евровизија. Дургите коментари, оние грдите, страшните, неумесните, вулгарните, доаѓаат од луѓе и групи на кои Евровизија и онака не им значи ништо, и жал ми е што вие решивте да дадете повеќе тежина на тие празни зборови без никаква основана критика кон Вас, или пејачите, или Евровизија како настан, вели Нечовски.

Покрај излагањето и анализата на Љупчо за недостатоците во оргазнизацијата, тој предлага и решенија.

Почитувани во јавниот сервис,

Доколку навистина сакате да видите разлика и промена на подобро кога станува збор за нашето претставување на Евровизија, морате да го промените целиот тим одговорен за овој настан, и да донесете нови луѓе, со нови идеи, концепти, креативност, соодветни на новото време и во чекор со трендовите поставени на Евровизија. Не може 15 години тим од едни исти луѓе да нижи серија неуспеси и никој де на бара одговорност за тоа од нив.

Инаку да, може слободно да се откажеме од Евровизија, но имајте на ум дека, со оглед на сите клоци кои до сега сме ги добиле од Европските институции и организации, Евровизија е едно од малкуте места каде Македонија и македонците се уште може да се почувствуваат како дел од Европа.

Или пак, може да се повлечеме, и да се придружиме на Босна која не оди на Евровизија поради прелоша финансиска состојба, Турција и Унгарија за кои Евровизија е „геј парада на шунд и кич“, или пак Русија и Белорусија кои се потполно изолирани од цела Европа поради сериозните нарушувања на човековите права. Ви се бендисува друштвово? Ни мене!

Затоа, не драмете многу, приберете си го паметот, и со нови сили, нови луѓе и нов концепт, да се видиме за арно и за убаво на Евровизија 2023, каде и да биде“, порачува Нечовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот