Нечисти работи околу системот за пречистување на водите

Поради дефект на системот за пречистување, канцероген шествалентен хром уште од 25 септември непречено се излева од индустриската депонија на фабриката „Југохром“ од Јегуновце, која веќе четири години не работи, признаа надлежните, откако „Слободен печат“ прв објави снимки од местото каде што отровните супстанции се влеваат во реката Вардар.

За опасноста да се контаминираат и подземните извори на Рашче од каде што со вода за пиење се снабдува цело Скопје, со децении укажуваат геолошки експерти и повеќе научни студии.

Во изјава за медиумите, Славко Стојчески, технички директор на „Југохром“, појасни дека индустриската депонија на „Југохром“ не е обврска на фабриката.

– Наша задача е да ги прифатиме тие отпадни води, да ги пречистиме и пуштиме. Тоа не е обврска на Југохром, тоа е историски отпад, но постројката се наоѓа во кругот на фабриката и ние ја сервисираме и помагаме околу работата на самата постројка – рече Стојчески и додаде дека е факт оти шествалентниот хром е канцероген, но во колкави количини и како контаминира, сепак остави да каже некој друг.

Поради беспарица не се одржувани инсталациите

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека не работи системот за пречистување на водите кои се излеваат од половина век старата индустриска депонија на „Југохром“. Причината за тоа е што не биле навремено обезбедени пари за поправка и обновување на делови од инсталациите, како и за хемиските реагенси неопходни за неутрализација на опасните хемикалии од отпадот во Јегуновце. Министерството е доведено во ситуација да управува со систем за пречистување на отпадни води од депонија, иако пречистителната станица не е во нивна надлежност, туку е во надлежност на стопанскиот субјект – сега затворената фабрика „Југохром“. Ваквата состојба, велат, е уште од 2003 година.

Фото: Слободен печат

– Даваме сѐ од себе да ја одржуваме состојбата колку што можеме – вели Линдита Дика, државен советник од МЖСПП. Таа најави дека ќе се прави проценка на целиот систем за третман на отпадните води од депонијата и најверојатно ќе ѝ биде предложено на Владата формирање јавно претпријатие.

Прозвана Владата за кратење на буџетот

Од „О2 иницијативата“ деновиве јавно ја прозваа Владата дека крателе од буџетот наменет за санација и одржување на повеќе системи од исклучителна важност за квалитетот на животната средина:

„8.900 евра помалку за набавка на резервоари (цистерни) за сулфурна киселина и натриум бисулфит, вентилатор за издувни гасови и друго за Јегуновце“, обвинија од О2.

Итно и неодложно мора да се преземат мерки за ставање во функција на пречистителната станица и изнаоѓање решение за депонијата која со самото свое постоење претставува директна закана за контаминација на водата за пиење, која е основно човеково право, вели Евгенија Крстевска, експерт по еколошко и водно право.

Фото: Слободен печат

– Секој од нас плаќа сметка за вода, а според Законот за води, дел од овие средства на корисниците треба да бидат искористени за воспоставување и одржување заштитни зони од овој закон и изградба и одржување на објекти за заштита на водите од загадување – вели Крстевска.

Несоодветно третирање на потокот Музга

Проблемот со шествалентен хром доаѓа поради несоодветното третирање на потокот Музга, кон крајот на 90-тите години, кој наместо да биде пренасочен во ближната река Габровница, како што предвидуваше проектот на белградската фирма „Јарослав Черни“, е ставен во цевки и оставен да тече низ депонијата.

– Врз тие цевки бил истуран отпад и со време одводниот систем попуштил, па така водата сега го измива шествалентниот хром и го носи во Вардар, како што се гледа и на вашите слики – вели Сокол Клинчаров, геолошки експерт и поранешен вработен во Министерството за животна средина.

Тој потсетува дека овој проект вреден 1,5 милиони евра бил финансиран од европските фондови, а изведувач бил Гранит.

ФОТО: Големи количества канцероген отпад слободно се влева во Вардар, ги загадува и подземните води!

Никој пет пари не дава за шествалентниот хром од Југохром

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот