Дескоска до Џолев: Не за плати, протестирајте против застарени предмети

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

По протестите на судската администрација, министерката за правда Рената Дескоска јавно ги повика судиите, претседателите на судовите, судските службеници и обвинителите, да протестираат против застарени предмети. Оваа порака Дескоска ја упати до шефот на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев, кој даде поддршка на протестот на вработените во судите.

– Видовме дека претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев дава поддршка на они кои протестираат во неговиот суд. Лесно е да дадете поддршка на луѓе кои протестираат за средства. Многу е потешко да протестирате за морални вредности. Искрено очекувам Џолев да излезе со протест, со влијание врз неговите колеги, зошто некои судења не се закажуваат три месеци и зошто застаруваат предмети во неговиот суд. Тие прашања ги интересира јавноста – изјави Дескоска.

Џолев, претходно на прашањата на „Слободен печат“ изјави дека ги поддржува вработените во неговиот суд, вели тие се највредните службеници кои заслужуваат повисока плата.

Претседателот на Кривичен со поддршка за судските службеници (ФОТО+ВИДЕО)

– Тука сме заедно со судската управа на Кривичниот суд за да дадеме поддршка на судските службеници, сметаме дека заслужуваат повисоки плати и примања. Станува збор за едно од највредните службеници генерално во државата заедно со здравствените и просветните работници и во таа смисла сметам дека и судските работници треба да имаат повисоки примања. Тие навистина имаат стресна работа и многу работа и не гледам причина зошто не би ги поддржале – рече Џолев.

Дескоска очекува реакција од судиите и судската администрација за предметите кои се застарени. Последен застарен предмет е за кривичното дело злоупотреба на службена должност на поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Траекторија“.

–  Жално е што не слушнавме став од сферата на судството за прашањата заради кои судството е со најниска доверба меѓу граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради што криминалот останува неказнет. Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејствија во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видео клипот кој го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација – рече Дескоска.

Таа ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството, но најави и сериозни разговори со Европската Унија за целосен ветинг на судството.

– Потребни се постапки со кои судството ќе се врати на листата на институции со доверба. За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што се се направи со алоцирање на средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење, нагласи Дескоска.

За висината на процентот за додатоци на плата за судиите и судската администрација, министерката Дескоска појасни дека одлуките за тоа се носат во рамки на Судскиот буџетски совет, кој е независно тело, но оти зачудува начинот на линеарна исплата на додатоците на плата.

– Ние создадовме законска основа за користење на додатоците на плата во судовите и за судската адиминистрација и за судиите, но тие се додатоци за зголемен ризик, зголемен обем и доверливост. Она што зачудува во изминатиот период е начинот на исплата на додатоците којшто се врши линеарно со што се доведува во прашање основот за исплата. Дали кај сите судии и кај сите вработени во судската администрација постојат истите основи за доверливост, истиот обем за работа и истиот ризик врз основа на кој се исплаќаат додатоците, праша Дескоска.

Дескоска рече дека додатоците најверојатно се исплатуваат линеарно заради „мир во куќа”, иако има судии кои се во ризик со одредени предмети и има судии кои не судат доверливи случаи. Истото, рече таа, се однесува и на судската администрација.

За барањето на Синдикатот на УПОЗ да имаат свој претставник во Судскиот буџетски совет, министерката Дескоска не гледа ништо спорно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот