Не требаат предвремени избори, туку навремени решенија

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

На празен стомак бадијала се и национализам и патриотизам. Ни недостига конструктивна опозиција и ни треба влада што максимално ефикасно ќе се фати во костец со економската криза.

Во Македонија постојано се бараат предвремени избори. Како да тие ќе ги решат проблемите. Се чука на таа врата за власт на големо за потоа да почне една друга битка – за позиции, за влијание, за корупција, за непотизам… Тркалото се врти, последиците се несогледливо лоши по живејачката на нашиот обичен човек, што крпи ден за ден. И не е точно дека сите лелекаме за пари, а кафеаните се полни и границите блокирани со годишноодморци. Пресметајте колкав е капацитетот на кафеаните и послушајте ги бројките за патници на граничните премини и ќе видите дека тоа и не се многу луѓе во однос на вкупната популација.

Но, клучот, решението за стандардот на сите други, за глобалната криза, за растот на цените, според претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е во предвремените извори. Го доби очекуваниот одговор од премиерот Димитар Ковачевски дека избори ќе си има кога ќе дојде време. Дајте во меѓувреме да се фокусираме на тоа што ни е важно! А, се чини дека сега најважна е економијата. Бадијала на празен стомак и национализам и патриотизам.

Еве ги фактите…

Струјата од 1 јули ќе поскапи, ќе има некакви нови тарифници, што треба некако да го испеглаат неминовниот раст на цената. Со гасот којзнае што ќе се случи. Нашиот јаглен е повеќе земја отколку руда. Нови јагленокопи со години беа во најава. За „Живојно“ слушаме на дневнополитичките ветувања на сите оние што одвај чекаат да дојдат избори за да можат нивните маркетинг стратези да светнат во полн сјај и да натрупаат еден куп проекти што никако да видат бел ден. Јаглен од други држави тешко ќе обезбедиме. Земјите веќе носат одлуки за привремен прекин на извоз на јаглен. Претседателот на Србија Александар Вучиќ вели дека зимава нема да можеме да најдеме струја, алармира дека веќе е тешко и мазут да се купи. Македонскиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика советува постројките што се наменети за мазут да се преадаптираат на дизел.

Инфлацијата во мај на годишно ниво веќе достигна 12,1 проценти. Но, во рамките на овој податок за растот на трошоците за живот, инфлацијата само во секторот храна и безалкохолните пијалаци е 17,1 проценти! Потоа, транспортните трошоци за една година поскапеле 12,3 проценти, за домување и режиски трошоци за 8,2 проценти. Епилогот е – минималната синдикална кошница за мај чини 38.790 денари. Тоа, како што велат од ССМ, е пресметка врз основа на официјалните податоци од Државниот завод за статистика, а ова  се бројки што се однесуваат на четиричлено семејство што нема сопствен автомобил, а користи најевтини средства за хигиена. За жал, со оваа инфлација дури и две минимални плати од по 18.000 денари, на кои пред извесно време се гледаше како добро завршена работа, сега не може да ја покријат синдикална кошница. Но, колку е силен вистинскиот удар, може да се разбере ако се знае дека минимална плата примаат 80.000 граѓани! Ако се земе предвид дека во државава има околу 600.000 граѓани што се редовно вработени, излегува дека 12,5 отсто од вработените се на минималец.

Просечната плата, пак, ги стигна магичните 500 евра, ветени во почетокот на мандатот на Владата. Но, и покрај тоа пак сме на дното во регионот. И сите во државава се задолжени. А, основната каматна стапка расте, што значи дека и кредитите поскапуваат. Расте цената и на меѓународниот пазар на пари, што значи дека и државното задолжување ќе станува сè поскапо. А, јавниот долг никогаш не бил поголем.

Кој сака, има што да работи. Не ни требаат предвремени избори, ни треба навремена реакција! Ни недостига конструктивна опозиција и ни треба влада што максимално ефикасно ќе се фати во костец со економската криза што нè наваса, но и со сите пороци што го следат владеењето на која било власт во изминативе децении.

Видео на денот