Не треба да се избрзува со легализацијата на марихуаната

Поделени се мислењата на политичките партии што имаат претставници во Собранието за предлогот да се легализира марихуаната во рекреативни цели во туристичките места во земјава. Дебатата ја отвори премиерот Зоран Заев, посочувајќи повеќе аргументи зошто треба да се случи овој процес, а истакнувајќи ги економските придобивки од проектот, но не доби поддршка дури ни од коалицискиот партнер. И опозицијата, главно, е против. Главна забелешка на сите е – дека не треба да се избрзува. 

„Целта е токму тоа. Да биде контролирано, како во Амстердам и многу други градови во светот. Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата, постојни и нови, со почитување на одредени стандарди – вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив. Верувам, за мала земја, тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и туризмот“, изјави премиерот во интервју за Дојче веле.

Заев најавува декриминализација и легализација на канабисот: Не е во ред да се оди во затвор за грам

Со премиерот не се согласува вицепремиерот Артан Груби од ДУИ. Тој во емисијата „Клик плус“ на „ТВ21“, рече дека е рано да се дискутира за пуштањето на марихуаната во употреба во рекреативни цели.

– Дебатата траеше кратко. Ова прашање е нова иницијатива, не е во програмата на Владата. Добро е да се отвори дебата за ова прашање, широка дебата, да го слушнеме гласот на народот, а потоа ќе одлучиме. Сепак, тешко е да се реализира засега – рече Груби.

Левица: Легалниот канабис ќе доведе до поголема контрола

Политичката партија Левица, пак, смета дека слободното користење на марихуана може да донесе повеќе позитивни страни отколку ако остане во продажба на црниот пазар.

– Ние сме за легализација на канабисот, меѓу другото, сме и за искористување на неговиот индустриски потенцијал, како и потенцијал во земјоделието – вели Реџеп Хактан Исмаил од Левица за „Слободен печат“.

Тој додава дека и во самата програма на Левица е начната темата за овој тип на легализација на канабисот, меѓутоа проблемот со предлогот на власта е тоа што преку овој начин можност за одгледување на канабис добиваат само поголемите компании.

Хактан Исмаил од Левица: Ние сме за легализација на марихуаната и за искористување на нејзиниот потенцијал

– Проблемот на оваа тема кај е нас е тоа што премиерот Заев ги изневери сите ветувања на нивните блиски соработници, а практично и на одредени невладини здруженија кои ја промовираат таквата политика. Тој направи Предлог-закон за легализација кој фаворизираше само големи компании, со што не се дозволуваше никаква слобода во одгледување на домашни услови на канабис – вели Исмаил.

На прашањето за користењето на канабисот како алатка за развој на туризмот, тој вели дека марихуаната може да помогне за подобрување и на овој сектор, но истакнува дека е клучна контролата при користењето на оваа супстанца, која според него може да се добие само доколку марихуаната е легална.

– Негативните ефекти од нелегално користење на канабис ги гледаме многу повеќе, на тој начин не се намалува користењето, само потребно е да се има поголема контрола врз сето тоа. Доколку е легална марихуаната, на тој начин ќе има и повеќе програми за да се разбуди свеста и за негативните страни на канабисот. Дури и канабисот, доколку е легален би бил контролиран, а моментално таква контрола не постои – додава Исмаил.

Фалкрон Беџети од Алијанса на Албанците ни рече дека уште е рано да се зборува за легализација на марихуаната. Беџети истакна дека тие како партија се против легализацијата, бидејќи „нашата држава моментно не е подготвена за такво нешто“.

– И претходно сме биле против легализација на марихуаната, а сметаме дека уште не сме подготвени за такво нешто како општество. Ова се случува во поразвиените демократии. Ние имаме уште многу други нешта да направиме за нашите граѓани – вели Беџети за „Слободен печат“.

Алијанса за Албанците: Македонија не е подготвена за легализација на марихуаната

Тој се сомнева и во економските придобивки, кои во овој момент би можеле да ги имаме како држава од легализацијата на канабисот.

– Ние сме првично за функционирање на правниот систем, па потоа да профункционираат и таквите закони. Се сомневаме дека во оваа ситуација тоа ќе функционира, веруваме дека ќе има и злоупотреба и не веруваме дека во моментов од легализацијата ќе има некој позначаен економски придонес – заклучи Беџети.

ВМРО-ДПМНЕ: Лесните дроги нема да донесат излез од кризата

Пуштањето во употреба на лесни дроги нема да доведе до излез во време на пандемија и економска криза, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Можеби за власта е логично во ова време да се размислува на лесни дроги, но тоа нема да им помогне на граѓаните кои се борат со страшната пандемија и економската катастрофа“, истакна претходно ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата посочуваат и дека овој процес мора да се одвива постепено и со развивање пошироки дебати во јавноста.

Токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ, по опсежни анализи од секој аспект, се донесе законот за употреба на медицинската марихуана која им помага на многу луѓе со различни здравствени состојби. Секоја наредна постапка на оваа или слични теми мора да биде максимално претпазлива и низ широка дебата, а не во рацете на човек кој не знае што да прави за да побегне од одговорноста за дебаклот кој го доживеа Македонија поради неговите неодговорни политики“, соопшти партијата.

МПЦ: Не сме дискутирале за легализација на канабисот во рекреативни цели, но како порок не го одобруваме

Угостителите веќе подготвуваат препораки за начинот на продажба на канабисот во угостителските објекти

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот