Не сум антиваксерка, но никој не сака да ме вакцинира, ниту пак да ми даде потврда: Скопјанка бара решение

вакцинација против ковид
Вакцинација против ковид. / Фото Архива на Слободен печат

Најавени се нови мерки, а јас не можам да функционирам затоа што не сум вакцинирана, вели Сања Ш., на која здравствената состојба не ѝ дозволува да прими вакцина против ковид, а од друга страна ниеден лекар не сака да потпише дека треба да биде ослободена од вакцинација.

Не сум антиваксерка, но ниту еден вакцинален пункт не сака да ме имунизира поради долгата историја на алергии и проблеми што ги имам со разни супстанции што се наоѓаат во лековите, вели за „Слободен печат“ скопјанката Сања Ш, која три месеци бара решение.

Нејзината здравствена состојба не ѝ дозволува да прими вакцина против ковид, но, како што тврди таа, ниеден лекар не сака да потпише дека поради нејзината здравствена состојба треба да биде ослободена од вакцинација.

– Сакав да се вакцинирам уште пред три месеци, поради тоа што бев свесна дека ќе имам ограничувања во движењето. Освен тоа, имам и едногодишно бебе и бремена сум со второ дете, па сакав да се заштитам и себеси и плодот. Прво ме вратија од вакциналниот пункт во поликлиниката „Букурешт“ поради низата дијагнози и алергии што ги имам и поради бременоста. Станува збор за пеницилински шок и алергии на лекарства, тумор. Не смеам да пијам никакви антибиотици, освен два. Не смеам да земам ниту лекарства против болка. Кога ми се издава некој лек, мора да се испита секоја состојка на лекот за да се провери дали смеам да го земам – вели скопјанката.

Матичната уплашена да не ѝ ја затворат ординацијата

И во вакциналниот пункт во поликлиниката Ѓорче Петров ѝ било кажано дека не смее да се вакцинира, со совет да отиде кај матичната лекарка, која би ѝ издала потврда дека е вратена од два вакцинални пункта. Матичната иако препознала состојба дека нејзината пациентка не смее да се вакцинира од медицински причини, сепак одбила да ѝ издаде потврда.

– Матичната лекарка ми рече дека не смеам да се вакцинирам, но ако ми издаде потврда, ќе ѝ ја затвореле ординацијата. Ме упати на специјалист за хумана генетика, кој потврди дека според сите наоди што ги имам не е паметно да се вакцинирам, но и тој не ми издаде потврда. Само ми кажа дека може да ме испитаат на еден алерген на вакцината на „Фајзер“, и ако не сум алергична, да ја примам таа вакцина, но дека ќе требаат три месеца за да се набави реагенсот – додава Сања.

Таа се обратила и до Министерството за здравство, зашто не верува дека реагенсот ќе го набават само за малкумина.

– Најавени се и нови мерки, а јас не можам да функционирам затоа што не сум вакцинирана. Кога би ми кажале лекарите дека нема ништо да ми се случи, веднаш би се вакцинирала. Јас не сум антиваксер. Моето дете е вакцинирано со редовните вакцини. Но, од друга страна, се плашам, што ако ми се случи нешто – се прашува Сања.

Ќе се формира стручна комисија

Од Комитетот за имунизација неодамна најавија дека ќе биде формирана стручна комисија од специјалисти од различни медицински области, која ќе треба да ги дефинира состојбите кои на граѓаните би претставувале контраиндикација за примање вакцина. Претседателката на Комитетот доктор Александра Грозданова истакна дека бројот на такви состојби ќе биде утврден деновиве. Една од тие состојби е и анафилактички шок.

Извори од Комисијата тврдат дека станува збор за мал број такви лица, а потврдите за граѓаните ќе ги издаваат точно определени специјалисти, а не секој лекар. Сепак, досега не е комплетиран ниту списокот на состојби што се контраиндикација за вакцинација против ковид, ниту специјалистите што ќе можат да ги издаваат потврдите за ослободување од вакцинација поради медицинска оправданост.

Министерството за здравство најави дека граѓаните што од медицински причини не смеат да бидат вакцинирани, нема да бидат присилени на тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот