Не се само мигрантите: И гасоводот е моќно оружје на Минск во војната со Европа

Гасовод Јамал - Европа кај Минск
Станица за компресија на гасоводот/Фото: EPA/MAXIM MALINOVSKY

Преку гасоводот Јамал-Европа, односно преку Белорусија, поминува една петтина од вкупното количество гас што Европа го увезува од Русија, поради што гасоводот е важен и за клиентите низ ЕУ, но и за „Газпром“

Заканите на белоруските власти дека може да го запрат протокот на руски гас, како противудар за санкциите од Европската Унија, може значително да ја погодат Европа во периодот на длабока енергетска криза, која веројатно уште повеќе ќе се влоши во текот на зимата.

Низ територијата на Белорусија поминува гасоводот на руската компанија „Газпром“, кој пренесува гас од огромните полиња на полуостровот Јамал и од западниот дел на Сибир кон Полска и Германија, низ цевковод што се протега на 4.000 километри. Од гасот што доаѓа преку овој канал се полнат големите резервоари во Германија, од кои потоа се доставува до енергетски компании низ Европа.

Преку Јамал-Европа, односно преку Белорусија, поминува една петтина од вкупното количество гас што Европа го увезува од Русија, поради што гасоводот е важен и за клиентите низ ЕУ, но и за „Газпром“.

Затоа се чини малку веројатно дека властите во Минск би се решиле да го прекинат протокот на гас. Но, ако сепак го направат тоа, уште повеќе би ја зголемиле веќе рекордната цена на гасот во Европа, поскапувајќи ја струјата за домаќинствата и за фабричките погони, а воедно намалувајќи го профитот на „Газпром“.

Сибирскиот гас веќе бил користен како политичко оружје. По пропаѓањето на билатералните преговори за трговијата во 2009 година Москва го запре извозот за Киев, кој возврати со прекинување на протокот на руски гас преку украинска територија до купувачите во Европа. Забележувајќи дека Москва вчера не ја коментираше заканата од Минск, експерти укажуваат дека главниот увозник на руски гас сега е Азија, каде што побарувачката е уште поголема отколку од Европа. Прекинот на гасоводот низ Белорусија, од друга страна, би ѝ помогнало на Москва во обидите да добие дозвола од Европската Унија за отворање на контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ директно до Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот