Не се откажуваме од обидите за ослободување на американскиот учител Марк Фогел од Русија, порача Бајден

Џо Бајден / Фото EPA-EFE/Yuri Gripas

Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека американските високи претставници сè уште се надеваат дека ќе овозможат ослободување на американскиот државјанин Марк Фогел, кој издржува 14-годишна казна затвор во Русија.

Фогел е 63-годишен учител кој работел во амбасадата на САД во Москва. Тој е осуден за шверц на дрога, откако бил задржан на московскиот аеродром во август 2021 година со 17 грама марихуана во багажот. Фогел тврди дека ја користи од медицински причини. Во моментот на задржувањето, Фогел работел во веќе затвореното Англо-американско училиште во Москва.

– Нема да се откажеме, изјави Бајден.

Вчера се одржа историска размена на затвореници која вклучуваше 24 затвореници – 16 испратени од Русија на Запад, вклучувајќи го и репортерот на „Волстрит Џурнал“ Еван Гершкович, и осум испратени назад во Русија од западните земји.

Ан Фогел, сестрата на осудениот во Русија учител, вчера изјави за Пи Би Ес „ЊузАуер“ дека семејството на Фогел разговарало со советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, пред две години, но оттогаш не чуле ништо од властите.

– На Марк во ниеден момент не му беше даден приоритет. Тој беше осуден по истиот кодекс како и Бритни Грајнер, но не беше прогласен за неправомерно задржан. Ние немаме поддршка од НБА или од ‘Волстрит Џурнал’, така што за нас е многу тешко да го вратиме нашиот близок, рече таа.

Американската кошаркарка Бритни Грајнер беше ослободена од рускиот притвор при размена на затвореници во 2022 година. Таа беше задржана на московскиот аеродром со полначи за вап, кои содржеле масло од канабис, во багажот.

– Апсолутно е неправедно што не го вратија дома при најголемата историска размена на затвореници по Втората светска војна, рече Ан Фогел, мислејќи на вчерашната размена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот