Не се очекува свинската чума да го поскапи месото

Месо, Фото: Profimedia

Одгледувачите ќе бидат обесштетени за сите одземени свињи, а месото добиено од свињи кое е прегледано и е добиен негативен резултат, не претставува опасност за консумирање од страна на граѓаните.

По појавата на првиот случај на африканска свинска чума во земјата и тоа на истокот, во Делчевско, Агенцијата за храна и ветеринарство почна да ги спроведува пропишаните вонредни мерки за вакви случаи. Станува збор за сет мерки што се однесуваат на одгледувачите што се наоѓаат во радиусот од 3 километри од првото жариште и мерки за одгледувачите во т.н. зона на надзор што се протега во радиус од 10 километри од жариштето.

– Во првата зона се уништени 195 свињи, направена е депопулација, а мршите се депонирани во сточна јама со преземени сите мерки за да се спречи ширењето на болеста. Во радиусот од 10 км деновиве ќе се спроведат мерки на депопулација онаму каде што е потребно – информираше Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, на вчерашниот состанок во Стопанската комора на кој се зборуваше за вонредните мерки за справување со африканската чума.

Тој објасни дека станува збор за многу заразна болест, која се појавува и кај домашните и кај дивите свињи, при што нема можност ни за вакцинирање ни за лекување.

– Наредивме вонреден попис на сите одгледувачници на свињи, а во овој период се забранува движење на сите животни што можат да се заразат, додека од секое заклано грло се зема примерок и се испитува во АХВ. Одгледувачите ќе бидат обесштетени за сите одземени свињи, а месото добиено од свињи кое е прегледано и е добиен негативен резултат не претставува опасност за консумирање од страна на граѓаните – додава Бабовски. Обесштетувањето нема да биде пониско од пазарната и од економската вредност на секое грло, за што постои правилник и ценовник и отштетата ќе се исплаќа според направен записник и тоа многу брзо – рече Бабовски.

Бабовски не очекува дека ќе има поскапување на свинското месо затоа што одгледувачките капацитети и производството на свежо месо ги задоволуваат потребите на пазарот. Кога станува збор за свинското месо, Македонија не е увозно зависна, туку напротив, лани се појавил вишок месо што бил пласиран во индустријата за преработка на месо.

Тоде Атанасов, претседател на Групацијата на производителите на свинско месо, се пожали дека иако Владата уште во 2019 година на седница расправаше за појавата на африканската свинска чума во соседните земји, досега не беа преземени утврдените мерки на таа седница, како што е депопулација на дивите свињи за 50 отсто бидејќи тие се главните преносители.

Бојан Ѓоргиевски, претставник на Групацијата на мали производители во Република Северна Македонија, побара од надлежните да реагираат против оние одгледувачи што ги прекршуваат правилата и ги загрозуваат другите фармери што работат како што треба.

Видео на денот