Не претерувајте со купувањето на храна, хранете се здраво и тогаш кога сте во изолација

Бидете внимателни во овој период кога ширењето на коронавирусот преставува реална закана за сите. Затоа, избегнувајте подолго време да престојувате во затворени маркети каде што има голем број на луѓе само за да набавите поголеми количества на храна.

Опасноста од ширење на коронавирусот е реална и затоа секој од нас се обидува да се заштити. Најдобар начин за спречување на заразата е одржувањето на личната хигиена но и седењето дома во еден вид изолација како и со остварување на што е можно помалку контакти со луѓето.

Поради неизвесноста во која секој од нас се наоѓа, луѓето се почесто складираат храна. Сепак, поради недоволна информираност, понекогаш се купува и храна за која навистина не треба да се трошат пари. Наместо тоа, потребно е да се купат само најосновни намирници кои можат да послужат во време на изолација а сепак истите да не ви заземаат непотребен простор во вашите домови.

Токму во обид да објаснат, голем број на нутриционисти излегоа со свои ставови околу тоа што луѓето навистона треба да купуваат и да имаат дома во состојба кога исклучително важно е секој од нас да има силен имунитет.

Како најважни намирници кои секој човек треба да ги има во својот дом се брашното, маслото за јадење, шеќерот… Се разбира дека ниту со нивното складирање не треба да се претерува. Доволни ви се десетина килограми брашно, еден до два килограми шеќер и неколку литри масло за подготвување на вашите главни јадења и салати.

Компир, лук и кромид

Компирот е наамирница од која можат да се подготват многу јадења па никогаш нема да можете да им одолеете на пржените компирчиња, пирето кое ќе го јадете со месо….

Кога станува збор за јадењето на лук и на кромид, пак истите се препорачуваат да се јадат секојдневно, бидејќи овие намирници не само што им даваат неверојатно добар вкус на јадењата, тие исто така многу помагаат и во зајакнувањето на имунитетот што е исклучително важно за овој период.

Затоа имајте во својот шпаиз неколку килограми компир како и неколку главици лук и кромид.

Суво и свежо овошје

Доколку сакате да купувате овошје и тоа во поголеми количини, одлучете се за банани, јаболка, лимони и портокали. Овие плодови лесно се складираат и долго траат споредбено со овошки од типот на јагоди, цреши…

Покрај тоа што овие плодови можат да траат неколку дена пред да се расипат, нив многу лесно можете и да ги складирате во замрзнувач а потоа, по потреба само да ги измиксирате и од нив да направите смути.

Цитрусните плодови, ќе ви го обезбедат потребното количество на витамин Ц кој ќе ви го зајакне имунитетот. Кога станува збор за јаболката и бананите пак, покрај тоа што се полни со витамини и минерали, тие се и одлична ужинка секогаш кога ќе почувствувате потреба за благо.

Складирањето пак на суво овошје е исклучително паметна идеја. Затоа, купете си малку суви сливи, суви смокви како и суви кајсии.

Свеж зеленчук

Тиквите, морковите, целерот и цвеклото имаат долг рок на траење. Тие можат да се јадат и неколку недели откако ќе ги купите, се разбира доколку ги складирате соодветно. Затоа, кога ќе ги купите, ставете ги на темно и на ладно место, а морковите можете да ги измиете и да ги ставите во фрижидер. Брокулите и карфиолот пак морате да ги имате во својот фрижидер бидејќи од нив многу лесно може да си подготвите супи и чорби кои значително многу ќе помогнат во зајакнувањето на имунитетот.

Брашно и ориз

Брашното секако ќе ви биде потребно за подготовка на голем број јадења но и за подготовка на леб. Доколку набавите поголема количина на брашно, него чувајте го на суво и на ладно место. Пред употреба задолжително просејте го.

Кога станува збор за складирањето на ориз, важат истите правила како и за складирањето на брашно. Внимавајте само, вашиот ориз да не дојде во контакт со вода. Во тој случај истиот би бил комплетно неупотреблив.

Јајца и грав

Поради високата концентрација на белковини кои ги има во составот на гравот и на јајцата, овие намирници се препорачливи во периодот кога вашиот имунитет морате да го одржувате континуирано. Како дополнителна предност кога ги имате овие намирници е тоа што нив можете многу лесно да ги подготвувате. Кога станува збор за јајцата, нив можете да ги јадете и по неколку пати неделно и тоа и во солена и во блага варијанта.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот