Не ни оди со патиштата

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Поминува уште едно лето со уште една година постар пат од Скопје до Охрид. Автопатот од Кичево до Охрид тешко напредува, а стојат ненаправени дури и оние делови кои не се мостови, тунели, погрешни проекциии…

На пример, делот на самиот влез во Охрид е во иста состојба како лани. Патувањето од Скопје до Охрид е „авантуристички подвиг“ – патот е тежок за возење, полн со дупки и опасен и за луѓето и за возилата. Дури и кога ќе се направи автопатот (еден убав сончев ден) ќе остане тесното грло кај Гостивар, ќе остане изветвениот и распукан асфалт после Тетово. Сето тоа плаче за обнова!

Децениите си го направиле своето. А, она што плаши е дека додека се направи автопатот од Кичево до Охрид, веќе ќе дојдат за поправака сега направените елементи, столбови… Ние веќе еден таков „гаф“ имаме. Да не ни се повтори! Како сведок на општествената негрижа, но и како потесетник дека не смее такво нешто пак да се случи, стојат руинираните столбови за железничките мостови кон Бугарија. Пругата кон Бугарија почна да се гради во 1994 година, а веќе во наредната изграденото беше оставено на забот на времето. Така во ветар отидоа близу 150 милиони евра! По многу години, за истата железница пак се одвојуваа пари.

И изградбата пак запре. Овој пат германската градежна компанија која го градеше делот од Куманово до Бељаковце се откажа, а Владата соопшти дека тоа е направено од неприфатливи причини. Сега се бара изведувач за споените две деленици од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Е, немаме среќа со инфраструктурата, дури и кога не е наша грешка!

Инфраструтурата, пак, е најважното нешто за мобилноста на луѓето, стоката, капиталот. Ни требаат и автопати и железница. Ни треба конечно да бидеме поврзани и со Бугарија и со Албанија, онака како што доликува на времето во кое живееме.

И нашиот најголем проблем не се парите. Финансискиот извештај за Јавното претпријатие за државни патишта покажува дека тоа има 768 милиони евра акумулираната добивка, заклучно со 31.12.2020 година! Јавното претпријатие, пак, сите овие пари ги собрало од народот. Тоа собира пари од патарини кои се намножија на непристојна оддалеченост, така што по патиштата се прави тргни-застани, потоа еден дел доаѓа од акцизита од горивата, а се наплатува такса и при регистрација на возила. Ако толку плаќаме, заслужуваме подобро.

Податоците за 2020 година покажуваат дека преку ова јавно претпријатие се инвестирани 112 милиони евра од кои сопствени средства се околу 44 милиони евра, а другото се кредити. Според состојбата од 31.12.2020 година преостанувале за отплата уште 524 милиони евра за земени кредити за инфраструктура преку ЈП за државни патишта. А и нив, секако, народот ќе ги врати.

Многу милиони се во игра, а уште многу треба да се гради. Секако, не може да се негира дека се изгради автопатот кон Грција или пак дека се направи автопатот од Миладиновци до Штип. Но факт е дека до сега требаше се да биде „под конец“.

Веќе е излитено да се кажува дека загубивме многу време и потрошивме многу пари на работи кои не ни го подобрија животот. А така ќе биде се додека Охрид е двојно подалеку од Скопје, отколку што реално е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот