Не ни е потребен Г7

epa07905388 Jeffrey D. Sachs, US economist and director of the Earth Institute at Columbia University, listens to a speech during the inaugural session panel of the WTO Forum Public 'Trading Forward', at the World Trade Organization (WTO) headquarters in Geneva, Switzerland, 08 October 2019. EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

Самитот на Групата 7 во Корнвол треба да е последен. Политичките лидери треба да престанат да трошат енергија на вежба која не претставува никого во денешната глобална економија

Последниот самит на Г7 претставуваше напразно трошење ресурси. Ако средбата воопшто требаше да се одржи, требаше да се спроведе преку Интернет, заштедувајќи време, логистички трошоци и издувни гасови на авионите. Но, посуштинско, самитите на Г7 се анахронизам. Политичките лидери треба да престанат да трошат енергија на вежба која не е репрезентативна за денешната глобална економија и резултира со скоро целосна дисконекција помеѓу наведените цели и усвоените средства за нивно постигнување.

Немаше апсолутно ништо на самитот на Г7 што не можеше да се постигне многу поевтино, полесно и рутински по пат на Зум. Најкорисниот дипломатски состанок оваа година беше онлајн-состанокот на претседателот Џо Бајден со 40 светски лидери во април, на кој се разговараше за климатските промени. Рутински меѓународни состаноци на политичари, парламентарци, научници и активисти се важни. Тие ја нормализираат меѓународната дебата.

Зошто Г7, а не Г20?!

Но, зошто ваквите дискусии треба да се појават во рамките на Г7, кој е замена за Г20? Кога земјите од Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД) ги започнаа своите годишни состаноци во 1970-тите, тие доминираа во светската економија. Во 1980 година, тие сочинуваа 51% од светскиот БДП (мерено по меѓународни цени), додека земјите во развој на Азија учествуваат со само 8,8%. Во 2021 година, земјите од Г7 произведуваат само 31% од светскиот БДП, додека истите азиски земји произведуваат 32,9%.

Г20, со вклучување на Кина, Индија, Индонезија и други големи земји во развој, претставува околу 81% од светското производство и ги балансира интересите на економиите со високи примања и оние во развој. Моделот не е совршен, бидејќи изоставува помали и посиромашни земји и треба да се додаде Африканската унија (АУ) како членка, но барем Г20 нуди плоден формат за дискутирање на глобални теми кои покриваат поголем дел од светската економија. Впрочем, годишниот самит ЕУ-САД може да постигне многу од она што Г7 првично имаше за цел да го покрие.

Г7 е особено ирелевантна затоа што нејзините лидери не ги исполнуваат своите ветувања. Тие сакаат да даваат симболични изјави, а не да решаваат проблеми. Уште полошо, тие даваат привид на решавање на глобалните проблеми, притоа навистина оставајќи ги да се влошуваат. Во таа смисла, и овој годинешен самит не се разликуваше од претходните.

На пример: Вакцините

Земете ги за пример вакцините против ковид-19. Лидерите на Г7 поставија цел да вакцинираат најмалку 60% од глобалното население. Тие исто така ветија дека ќе споделат 870 милиони дози директно во текот на следната година, што се претпоставува дека значи доволно за 435 милиони целосно имунизирани лица (со две дози по лице). Но, 60% од глобалното население од 4,7 милијарди луѓе значи приближно десет пати поголема бројка од ветената.

Лидерите на Г7 не понудија никаков план за постигнување на наведената цел за глобално покривање и, всушност, не развија ниту еден, иако не би било тешко да се направи. Проценката на месечното производство на секоја вакцина е јасна, а ефикасната распределба на тие дози за сите земји е целосно изводлива.

Една од причините што ваквиот план сè уште не е развиен е тоа што американската влада досега одбива да седне со руските и кинеските лидери за да смислат ваква глобална распределба. Друга причина е што владите на Г7 им дозволија на производителите на вакцини да преговараат приватно и тајно, наместо да бидат дел од глобален план. Можеби трета причина е тоа што Г7 гледаше на глобалните цели без да размисли доволно за потребите на секоја земја примател.

Или: Климатските промени

Уште еден пример за лажни ветувања на Г7 се климатските промени. На последниот самит, лидерите на Г7 со право ја прифатија целта на глобалната декарбонизација до 2050 година и ги повикаа и земјите во развој да го сторат тоа. Сепак, наместо да утврдат план за финансирање што ќе им овозможи на земјите во развој да ја постигнат таа цел, тие ја повторија финансиската заложба за првпат дадена во 2009 година, која никогаш не се исполни. „Ги реафирмираме колективните цели на секоја од развиените земји“, потврдија тие, „заеднички да мобилизираме 100 милијарди долари годишно од јавни и приватни извори до 2025 година во контекст на значајни активности за ублажување и транспарентност при спроведувањето [на мерките]“.

Тешко е да се прецени цинизмот на оваа често повторувана заложба. Богатите земји го пропуштија сопствениот рок до 2020 година да ги обезбедат долго ветуваните 100 милијарди долари годишно – само 0,2% од годишниот БДП на богатите земји. А ветените 100 милијарди долари се само мал дел од она што им е потребно на земјите во развој за декарбонизација и адаптација на климата.

А глобалното образование?

Диспаритетот помеѓу зацртаните цели на Г7 и оскудните средства е видлив и во областа на образованието. Стотици милиони деца во сиромашните земји немаат пристап до основно и средно образование, бидејќи нивните влади немаат финансиски средства да обезбедат наставници, училници и образовни материјали. Во 2020 година, УНЕСКО процени дека на земјите со ниски и пониски просечни приходи им требаат околу 504 милијарди долари годишно до 2030 година за да се обезбеди сите деца да завршат средно образование, но располагаат со само околу 356 милијарди долари од домашните ресурси, оставајќи финансиски јаз од околу 148 милијарди долари годишно.

А, што предлага Г7 во годинешното коминике? Лидерите предлагаат „цел да се внесат 40 милиони повеќе девојчиња во образованието со поддршка од најмалку 2,75 милијарди долари за Глобалното партнерство за образование“. Ова не се сериозни бројки. Тие се извлечени „од шешир“ и ќе остават стотици милиони деца надвор од училиштата и покрај цврстата посветеност на светот (зацртана во глобалната Цел за одржлив развој бр. 4) за универзално средно образование. Достапни се решенија од големи размери – како што е мобилизирање на финансии со ниски каматни стапки од мултилатерални банки за развој – но лидерите на Г7 не предложија такви решенија.

Мои препораки

Проблемите во светот се премногу итни за да се остават на празни ветувања и на мерки што се само навестување за она што е потребно за да се постигнат наведените цели. Ако политиката е обичен спектакл за позирање пред фотоапарати, самитот Г7 можеби ќе имаше смисла. Сепак, глобалните потреби се итни: да се стави крај на пандемијата, да се прочисти енергетскиот систем, да се одведат децата во училиште и да се постигнат Целите за одржлив развој.

Мои препораки: помалку лични средби, посериозни домашни задачи за поврзување на средствата и целите, повеќе рутински состаноци на ЗУМ за да се дискутира што навистина треба да се направи и поголемо потпирање на Г20 (плус Африканската унија) како група што, всушност, може да испорача. Ни требаат Азија, Африка и Латинска Америка на масата за какво било вистинско глобално решавање на проблемите.

Преземено од Проџект Синдикејт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот