Не му судете на Гоце со модерни закони

Фото: Слободен печат

Идентитетот каков што денес го чувствуваме е несвојствен за приликите во 19 век. Во тоа време нациите се сè уште во зародиш и не секаде и не во исто време се развивале националните чувства кај народите. Затоа да не му судиме на Гоце, со аршините на модерното време.

Знам дека е невозможно, но хипотетички да претпоставиме дека е возможно да воспоставиме комуникација со Гоце Делчев. Што знам, некаков временски портал или некаков 5Г-линк кон задгробниот живот, преку бајачка, вештерка, Тино Кајшаров или некаква некромантска техника која мене ми е непозната, еве да речеме, да успееме да стапиме контакт со Гоце. И ете техниката е таква, па на Гоце можете да му поставите прашање за неговите национални чувства. Што мислите што би ви одговорил? Не знам, не сум некромант, но сигурен сум дека од одговорот би се шокирале и Македонците и Бугарите.

Премногу е глупаво на историските личности да им се суди според модерните закони. Во Црна Гора, на пример, ги повлекоа од образование делата на Петар Петровиќ Његош, бидејќи, покрај другото, тој пишува и за истребувањето на муслиманите во „Горски венец“. Значи, државникот и поетот по кој Црна Гора е најпозната и славена надалеку, не е подобен за учениците, иако е убедливо најголемиот автор не само во Црна Гора, туку и пошироко. Његош многумина го сметаат за Шекспир на јужнословенските народи, но тоа на Петар Петровиќ не му е многу од помош денес.

А пред судот на 21 век се најде и самиот бард. И Вилијам Шекспир би можел да биде повлечен од образовниот систем на Велика Британија, бидејќи разните либерални и малцински групи во земјата го сметаат за расист, националист и шовинист. На стариот и добар Вилијам не му помага ниту фактот дека неговото творештво датира од 16 век.

Во САД, бројни ТВ-станици и видеоплатформи го повлекоа филмот „Одвеано со виорот“, поради начинот на кој се претставени ликовите на Афроамериканците, што наводно било во правец на градење предрасуди за припадниците на ова население. На борците за човекови права не им беше битно што филмот е снимен во 1939 година, а обвинителите не беа заинтересирани ниту за тоа дека „Однесено со виорот“ е најдобриот филм што некогаш бил снимен.

Слична судбина доживеаја и неколку епизоди од култната британска комедија, која на нашиве простори е преведена како „Сплетки“. Се сеќавате на симпатичните браќа Тротер? Од некоја причина и тие се расисти. Не успеав да дознаам како и зошто.

Слична е приказната и со Гоце Делчев, во нашиот спор со Бугарија. Слично беше и со Александар Македонски, во нашиот спор со Грција. Идентитетот каков што денес го чувствуваме е несвојствен за приликите во 19 век, а уште помалку во времето на антиката. Во тоа време нациите се сè уште во зародиш и не секаде и не во исто време се развивале националните чувства кај народите. Затоа да не му судиме на Гоце, со аршините на модерното време.

Гоце е Македонец, роден во Кукуш, крштеван е во црква на бугарската егзархија. Се школувал и бил учител во бугарско училиште. Гоце бил граѓанин на Бугарија и поданик на Османлиското царство, а загинал за слободата на Македонија. Некој би рекол дека наместо да биде предмет на спор, Гоце Делчев би требало да биде ореол на заедништвото на Македонија и Бугарија. Точка на спојување, ако веќе поимот „заедничка историја“ ви е до толку одвратен. Вакви точки на спојување, во историска смисла, има насекаде низ светот. Тоа не е ништо ексклузивно, ниту, пак, нешто што ни се случува само на нас, Македонците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот