Не му го прави на соседот она што не сакаш да ти го прават тебе!

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Можеме само да си претпоставиме колку жестоки реакции би имало во бугарското општество на вакви или слични барања од страна на Турција. Знам, многумина ќе се насмеат на овој мисловен експеримент и ќе речат – добро е што Турција никогаш не била во состојба да поставува вакви политички барања кон Бугарија.

Еден поучен мисловен експеримент. Да си замислиме дека Турција е земја членка на ЕУ, а Бугарија е кандидат што сака да започне преговори. Турција одлучува да стави вето, а турскиот парламент ја усвојува следнава „Рамковна позиција за стабилизирање и асоцирање на Република Бугарија во ЕУ“.

Турција е конзистентна во поткрепата на европската перспектива на земјите од османлискиот Балкан. Но, Турција не дозволува интеграцијата на Република Бугарија во ЕУ да биде придружена со европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на антитурска основа. Пренапишувањето на историјата на дел од турскиот народ по 1868 година е еден од темелите на антитурската идеолошка основа на бугарскиот тоталитаризам.

За да се согласи Турција за отпочнување на преговори на Бугарија со ЕУ, Бугарија треба да оствари реален напредок во остварувањето на следниве барања:

  1. Република Бугарија да се воздржува од спроведување политика, независно под која било форма, на поткрепа и претензии за признавање на т.н. „бугарско малцинство“ во Турција и во која и да е од земјите од османлискиот Балкан.
  2. Спроведување процес на рехабилитација на жртвите на бугарските профашистички и прокомунистички режими, репресирани поради нивниот турски идентитет.
  3. Спроведување процес на лустрација на сите соработници на поранешни режими, кои учествувале во репресии на луѓе поради нивниот турски идентитет.
  4. Преземање системски мерки за бришење табели и натписи од споменици каде што се спомнува, „турското“ или „османлиското ропство“ и „турскиот јарем“, како и сите споменици за „ослободувањето“ (кое е, всушност, руска окупација), кои поттикнуваат омраза кон Турција, како „турски/османлиски окупатор или поробувач“.
  5. Во дејноста на мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања:

– Да се постигнат конкретни резултати, за периодот од општата историја до 1868 година и да се постигне договор за Априлското востание, митот за „колежот во Батак“, незначителното учество на Бугарите во Руско-турската војна, и репресираното турско и лојално бугарско население од страна на окупаторските руски и романски војски.

– Да се сменат информативните табли и други ознаки, вклучително и на историските споменици, според договорените текстови.

– Да се договорат конкретни датуми за заедничко одбележување на настани и личности од заедничката историја по кои е договорена согласност, а во однос на јазикот да се ползува фразата „официјален јазик на Република Бугарија“.

– Да се хармонизираат учебните програми по историја и литература, и да се отстрани во учебниците какво било спомнување на романот „Под игото“.

– Сите историски извори од отоманскиот период, да се изучуваат на јазикот на кој се напишани оригинално.

– Бугарија да признае дека петвековната историја на Македонија пред 1912 година е дел од турската отоманска историја.

  1. Во бугарското општество да се надмине говорот на омраза, вклучително кон лица кои се идентификуваат или кои се идентификувале како Турци, вклучително и во онлајн медиумите.
  2. Во уставот на Република Бугарија да се вметне и турскиот народ како конститутивен народ, за да се исправат сите неправди кон Турците во Бугарија од Априлското востание во 1876 година до денес.

Можеме само да си претпоставиме колку жестоки реакции би имало во бугарското општество на вакви или слични барања од Турција.

Знам, многумина ќе се насмеат на овој мисловен експеримент и ќе речат – добро е што Турција никогаш не била во состојба да поставува вакви политички барања кон Бугарија.

Но, ете, Грција – која е членка на ЕУ од 1981 – беше во состојба да ја блокира евроинтеграцијата на Бугарија со слични „историски барања“, но не го направи тоа. Какви реакции ќе имаше во бугарското општество ако Грција побараше менување на бугарскиот устав и признавање на Грци во уставот, ако инсистираше на „заедничка историја“ (толкувана по нивни аршини), или ако побараше менување на учебниците по историја, особено во делот на „бугарската преродба“ и на судирот меѓу патријаршијата и егзархијата? Какви реакции ќе имаше во бугарското општество ако Грција тврдеше дека бугарскиот идентитет со децении бил граден на антигрчка основа и дека во бугарското општество се вршело со децении бришење на се што е грчко?

Какви реакции ќе имаше во бугарското општество ако Грција ја условеше Бугарија да бидат признаени злосторствата за време на „бугарската фашистичка окупација“ (како што пишува на споменици во Грција) во Втората светска војна?

Едноставно е. Не му го прави на соседот, она што не сакаш друг да ти го прави тебе! Ако Бугарија и Македонија се придржуваат до ова морално начело, многу полесно ќе ги надминат меѓусебните недоразбирања и спорови.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот