Родителите на загинатиот Александар/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ
Не можеме веќе од тага, од болка, од гнев – уште едно семејство бара правда за сообраќајката во која го изгубиле синот
Фросина Факова Серафиновиќ
Пред
Не можеме веќе од тага, од болка, од гнев. Ѝ кажав и на судијката дека не гарантирам за своите постапки, вели Кире Георгиевски, чиј син во октомври 2022 година загинал во сообраќајна несреќа во Волково.
Нивниот крик за правда е само еден глас од пискотниците на многу семејства кои изгубиле син, ќерка или некој друг близок во сообраќајка, кој се соочува со помоќни спроти него и со бавната правда пред институциите. Болката за нивниот син ги убива од почеток и почеток на секое судско рочиште кое се закажува на неколку месеци.
Александар загинал по семејната прослава на Света Петка која била семејна слава на неговиот најдобар другар Даниел Стојановски. Во неговиот дом седеле, пиеле и откако веќе си заминале гостите Александар заедно со Андреј, братот на Даниел, отишле да го пробаат новиот автомобил „мини купер“, но нивното возење завршило трагично.
Родителите на загинатиот Александар Георгиевски/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ
Возилото на крстосница од улиците 60 и 58 во скопското село Волково, излетало од коловозот и се запалило. Александар загинал на лице место, а Андреј завршил со повреди.
Дружбата на Александар со ова семејство завршила трагично, а сега неговото семејство освен кон институциите гневно е и на семејството на неговиот другар. По речиси една година, трагедијата завршува со обвинение, а на обвинителна клупа седнува Андреј Стојановски кој се товари дека пијан со 2,08 промили алкохол во крвта удира во бетонски ѕид.
– Многу близу од неговата куќа на 200 – 300 метри на претпоследна 22-ка тие од дома се упатиле веројатно да му ја покаже на Александар моќта на новата кола, сабајлето кога веќе славата беше при крај некаде околу 3.30 часот. Да покаже каква кола купил. Под дејство на алкохол обвинетиот има 2,10 алкохол во крвта, кажувам за да споредам, убиецот на Фросина имал 0,82. Имаме извештај од 4 институции, од полициската станица за безбедност на сообраќајот дека возилото е управувано од обвинетиот Андреј Стојановски. На совозачкото седиште бил Александар. Сообраќајното вештачење децидно најтврдо го посочува за виновен Андреј Стојановски, а истото го посочува и медицинскиот извештај на Наташа Битољану – вели Георгиевски.
Обвинителката Зорица Павловиќ покренува обвинение против возачот на „мини куперот“, а дури по една година од несреќата случајот завршува во Кривичниот суд. Таткото на Александар сака да им ја долови нивната болка и гнев кои се зголемуваат затоа што со месеци треба да чекаат за следното рочиште, а првото рочиште кое го дочекале по една година било одложено затоа што не дошла обвинителката. И следното рочиште било одложено поради обвинителката.
– Обвинителството предолго го држеше предметот кај себе, скоро девет до десет месеци за после месец, месец и пол судијката да го закаже рочиштето. На првото судење обвинителката не дојде, се одложи, на второто судење достави некои документи на барање на обвинетите. И тоа се одложи, два пати се одложи. Потоа беше сменета обвинителката, бидејќи замина во Совет на јавни обвинители. Дојде потоа обвинителката Лидија Раичевиќ, ја „стегна“ ситуацијата, оди нешто побрзо – вели таткото.
Според сообраќајното и судско медицинското вештачење што се изготвени по наредба на Обвинителството, возач на „мини куперот“ бил Стојановски, а тоа најмногу произлегувало од повредите со кои се здобил Александар, но и Андреј. Според судско медицинското вештачење, Александар излетал од шофершајбна и притоа му прснала аортата, а според повредите кои ги имал Андреј, тој се здобил со повреди и нагмечувања од воланот. Таткото е револтиран што одбраната ги користи сите средства за да докаже дека возилото го управувал загинатиот Александар со оглед на тоа што се сопственици на познат ресторан до Дебар Маало.
– Влијаат финансиски. Се обидоа претходниот адвокат да го подмитат. Сега прават сообраќајно вештачење кое го плаќаат со огромни пари, а свесни се дека тој возел дефинитивно. Сега тие се во ситуација да доаѓаме да вештачат со свој платен вештак кој ќе утврди дека наводно Александар возел. Александар никогаш не управувал со возило – вели таткото.
На судското рочиште кое се одржа во четвртокот одбрана веќе ја кажа својата страна на приказната со сведочење на Даниел Стојановски, брат на обвинетиот. Тој одговараше на прашања и во својот исказ тврдеше дека со Александар биле најдобри дугари, дека Александар дошол на слава со автобус и дека токму тој го видел како влегува на возачкото седиште во „мини куперот“. Тој тврдеше и дека го видел телото на Александар на возачкото седиште.
Додека седеле на славата тврдеше дека Александар планирал да купи кола и да почне да воиа, па затоа сакал да ја испроба колата.
– Со Александар правевме најнормално муабет. Ми спомна дека сака да купува кола, не сака да оди веќе со автобуси и ми зборуваше да ја испроба колата „мини купер“ на Андреј – тврдеше братот на обвинетиот.
На прашањето на адвокатот дали Александар таа вечер отиде да ја испроба таа кола да ја вози, тој одговори:
– За жал да. Отиде со Андреј, јас бев дома раскревав. Тој велеше „да ја возам, да ја пробам колата“, ги зеде клучевите. Ги видов на врата, влезе да вози, Андреј на совозачкото седиште на десната страна и ми рекоа дека ќе одат да свртат круг до обиколница и дека ќе се вратат назад. Не се вратија 15-20 минути, осеќав дека нешто се случило, некоја неубава работа, земав клуч од колата и отидов да ги барам. Видов брза помош и како Андреј го ставаат во брза помош. Прашував што се случило – рече Стојановски.
Обвинетиот за сообраќајката во која загина Александар/Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ
– Слушнав луѓе, викање. Андреј е извлечен од совозачкото седиште дури горела колата. Ми кажаа дека имало и уште едно возило со брза помош и го однесле во болница Александар. Ме однесоа до телото на Александар на левата страна кај што беше во колата и ме прашаа дали е Александар“, сведочеше братот.
Но, на прашања на обвинителката тој кажа дека не бил сведок на сообраќајката, дошол отпосле, а своето тврдење дека брат му не возел го поткрепуваше со тоа што тој ги видел како влегуваат во колата, а брат му ги имал оставено наочарите дома.
– А без наочари не вози – рече тој.
Следното рочиште е закажано за на 25 февруари кога одбраната ќе го презентира своето вештачење.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Средношколци од училиштата ширум државава се жалат дека директорите и професорите во образовните установи се обидувале да ги спречат да не се собираат во чест на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица а над 150 се повредени. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Русија ја обвини Украина …
Американскиот претседател Доналд Трамп и Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од два часа разговараа по телефон за завршување на војната во Украина. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Русија ја обвини Украина дека се обидува да го саботира договорот меѓу Трамп и Путин 2 Орбан со закон го забрани Прајд во Унгарија 3 …