Не може и војска и партија

Измените на Законот за служба во армијата, со кои се очекува се стави крај на учеството на воените лица во партиски органи, во вторник ќе се најдат на разгледување пред пратениците, во прво читање.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска овие измени ги најави уште есента, поттикната од зачестените партиски изјави на полковник Драган Ковачки, во својство на член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во својата намера министерката поддршка доби и од претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.

Воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата не смее да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата, утврдени со нејзиниот статут, гласи една од предложените измени. Но, новото законско решение оди и чекор подалеку, па му се забранува на воениот и цивилниот персонал во служба на Армијата, членувајќи во политичка партија, да ја доведе во прашање професионалноста и непристрасноста во работата на Армијата.

Според воениот аналитичар Благоја Марковски, измените се резултат на, како што вели, тешкиот инцидент поради дејствување врз основа на партиска идеологија, со што се нарушило единството во Армијата. Тој за „Слободен печат“ додава дека е сериозно нарушено и раководењето и командувањето во Армијата.

– Важно е да се оневозможат вакви ситуации во нареден период, иако, според мене, се ускратува слободата и правото на припадниците во Армијата во своето слободно време да ги изразуваат своите политички ставови преку органите на одредени партии, што досега беше овозможено. Од друга страна, се гледа дека тоа создава негативни последици и некако мораше да се постапи – смета Марковски.

Прашањето за активното членство на воени лица во политички партии отвори лавина реакции во јавноста, откако полковник Драган Ковачки беше казнет со 30 отсто од плата во период од шест месеци, поради, како што велат од Министерството, закани кон претпоставените. Органите во Министерството заканата ја препознаа во фејсбук-статус на полковникот, во кој тој ја споменува „долгата рака на ВМРО“. Ковачки обвини дека за ваквото решение на Комисијата што го разгледувала неговиот случај дознал од медиумите и најави тужба кон министерката Шеќеринска, но засега е непознато дали двајцата ќе се соочат во судница. Ковачки не одговори на нашите прашања.

Според аналитичарот Марковски, во Законот за одбрана е конкретно дефинирано дека во работно време не може да се застапуваат партиски ставови или да се дејствува на основа на идеологија на која било политичка партија.

– Од тој аспект, полковникот Ковачки може да биде член на политичка партија и на нејзините извршни органи, но тој не може да ги застапува нивните ставови и погледи во рамките на Армијата и одбраната. Овде е очигледно дека тој сепак настапува од аспект на одредена партиска идеологија и истовремено со неговата закана кон началникот на Генералштабот, го нарушува принципот на субординација, односно на раководењето и на командувањето претпоставен-потчинет – заклучува Марковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот