Не може и преполовени паралелки и настава со физичко присуство

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Ако Комисијата остане на ставот дека паралелките треба да бидат преполовени, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе успееме да излеземе во пресрет на потребите на сите запишани ученици. Сепак, немаме толкав број училници за да можеме од едно одделение да направиме две, децидни се директорите на некои училишта.

Доколку протоколите за следење настава со физичко присуство не се променат, тешко ќе се одвива реализацијата на планот од септември сите ученици да се вратат во училишните клупи.

Вакво мислење делат неколку директори на скопски основни и средни училишта, кои во изјава за „Слободен печат“ велат дека капацитетот на училиштата е постојан и непроменлив.

Директорката на основното училиште „Блаже Конески“, Сузана Настовска, вели дека тие се подготвени наесен да ги примат учениците, но сѐ зависи од протоколот што ќе го даде Комисијата за заразни болести.

– Ако Комисијата остане на ставот дека паралелките треба да бидат преполовени, не можам со сигурност да кажам дека ќе успееме да излеземе во пресрет на потребите на сите запишани ученици во нашето училиште. Сепак, немаме толкав број училници за да можеме од едно одделение да направиме две. Но, ако станува збор за посебен влез и излез, средства за дезинфекција и организирање на одморот во различни делови од денот, тогаш би можеле да кажеме дека сме подготвени за настава со физичко присуство – вели Настовска.

Слично мислење има и директорот на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски.

– Епидемиолошката состојба во нашата гимназија покажува дека нема опасност од ширење на вирусот, веќе цел месец нема нов позитивен или сомнителен на коронавирусот. Ако остане така, од септември ќе можеме да обезбедиме настава со физичко присуство за сите ученици. Но, ако Комисијата за заразни болести не ги промени моменталните протоколи што важат за децата од прво до трето одделение, а тоа е да бидат по 15 ученици во една паралелка, не верувам дека ќе можеме да имаме настава со физичко присуство. Сепак, за да се случи тоа, ќе треба да имаме двојно повеќе простории од сегашните, а тоа не е можно – објаснува Арсовски.

Во ОУ „Коле Неделковски“ има и капацитет и желба да се почне наставата на први септември.

– Во „Коле Неделковски“ има можност за да се испочитуваат протоколите. Сепак, тоа ќе го утврди комисија која не само нашето, туку ќе ги посети сите училишта во земјава. Ќе направиме распоред во две смени за да не мора часовите да се следат онлајн. Но, ако Комисијата каже дека ќе треба во клупа да седи само едно дете, а не по две како што беше пред пандемијата, тоа ќе претставува проблем, вели директорката на „Коле Неделковски“, Светлана Масларевска.

Здравствените власти во земјава сметаат дека учениците можат да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година. Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека протоколите за учебната година се речиси готови. Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 проценти од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот