Не може да се држи дистанца во автобус, патниците се плашат да не се заразат

Автобуска постојка / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од ЈСП „Скопје“ велат дека бројот на граѓани што го користат јавниот превоз, укажува дека актуелниот режим на сообраќање ги задоволува потребите на корисниците и дека не се регистрирани поголеми гужви.

Турканици, гужви, нервозни возачи, а уште понервозни патници, кои се принудени да стојат залепени еден до друг за да стигнат до посакуваната дестинација. Вака изгледа автобускиот превоз во Скопје, откако надлежните одлучија возилата да сообраќаат по саботен возен ред, поради пандемијата од коронавирусот.

Веќе неколку месеци граѓаните секојдневно апелираат да се воведат позачестени автобуски линии, бидејќи во автобусите се создава огромна гужва, па можноста од пренесување на коронавирусот е исклучително голема. Тоа се должи на фактот што буквално е невозможно да се држи толку препорачуваната физичка дистанца.

– Секојдневно патувам со автобусот со број 7. Гужвата е толку голема што не само што нема место да се седи, туку и нема место да се стои. Луѓето се гневни што со секое качување во автобус си го загрозуваат здравјето. Но, мораме да го користиме автобускиот превоз бидејќи тоа е единствен начин да стигнеме на работа. Возењето со такси е неисплатливо. Мора нешто да се промени – вели Катерина од Лисиче.

Слично размислува и Петар од Кисела Вода, кој мора да смени два автобуса за да стигне до своето работно место.

– Одржувањето физичка дистанца во автобус е невозможно, ако продолжи вака, ако не се пуштат повеќе линии, сите ќе се разболиме – вели тој.

Сепак, од ЈСП „Скопје“ тврдат дека состојбата на терен не е алармантна, бидејќи, според нивните сознанија, станува збор за инцидентни гужви.

– Од пред неколку денови поголемиот дел од линиите од јавниот превоз сообраќаат по летен, делничен возен ред, односно зголемен и зачестен е бројот на возила во утринските и во попладневните часови, кога фреквенцијата на патници е зголемена. Измените во режимот на возење се направија токму за да се избегнат инцидентните гужви, кои повремено се појавуваа на неколку линии откако се укинаа повеќе мерки со кои се наложи враќање на работа на одредени категории лица и автоматски се зголеми бројот на корисници на јавниот превоз – објаснуваат од ЈСП „Скопје“

Корекција беше направена на линиите 2, 2А, 5, 24, 41, 42, 43, 50, 53, 55А, 57, 63, 63А, 65, 65Б, 67,  163, 165, 167, 180. Останатите линии имаат саботен режим на сообраќање. Линиите, 25, 25А, 25Б, 28 и туристичката линија „Сити тур“ и натаму се привремено укинати.

– Бројот на корисници што го користат јавниот превоз, за кој имаме увид во секое време врз основа на бројот на валидации од системот за електронска наплата, укажува дека актуелниот режим на сообраќање ги задоволува потребите на корисниците и не се регистрирани поголеми гужви. При појава на инцидентно зголемен број патници, често се интервенира и со зголемен број возила на дневна основа – децидни сe од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Оттаму посочуваат и дека постојано работат на чистење и на дезинфицирање на возилата, со што дополнително се работи на зачувување на здравјето на корисниците на нивните услуги.

– Секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од ковид-19. Возилата се дезинфицираат со распрскување на соодветни средства, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото како ракодржачи и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линија, или потоа, во зависност од динамиката и од распоредот на сообраќање во јавниот превоз – информираат од ЈСП „Скопје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот