Не можат надлежните, па сушата делумно нѐ спасува од труењето на Рашче!

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Град Скопје уште во јануари годинава бил предупреден од експерти дека загадувањето од индустриската депонија Југохром во Јегуновце претставува реална и непосредна опасност за изворите за водоснабдување на Скопје во Рашче, оти сегашната состојба е долгорочно неодржлива и дека се можни и очекувани негативни влијанија врз изворот Рашче.

Ова, меѓу другото, го пишува во Студијата за подземните води на просторот помеѓу депонијата Југохром, реката Вардар и изворите Рашче која Градот ја нарачал од Геолошкиот институт во Скопје.

За жал, не е само Рашче, туку се можни и очекувани негативни влијанија и импликации врз квалитетот на водата во бунарскиот систем Нерези-Лепенец, кој треба да функционира како алтернативен извор на водоснабдување на Скопје во случај на загадување на Рашче, како резултат на неповолен квалитет на реката Вардар, констатира Студијата.

Ќе се мери загадувањето, но  дури од јуни 2021 година

Поради алармантните наоди на оваа студија, Градот решил да постави 10 дополнителни мерачи на загадување на подземните води, но реализацијата е најавена дури за јуни 2021 година.

Во Студијата се наведува дека депонијата во Јегуновце и комбинатот Југохром направиле сериозни штети, односно загадување на почвата и подземните води во длабочина од дваесетина метри, на што укажуваат концентрациите на шествалентниот хром кои се зголемени од 220 пати, па до 13.300 пати во истражниот бунар ИБ-1. Исто така, Студијата заклучува дека само моментната поволна хидролошка состојба, односно нискиот водостој, спречил посериозно загадување на подземните води под планината Жеден, од каде што се хранат изворите во Рашче.

„Како резултат на моменталното нефункционирање на пумпната станица под депонијата, исцедок од депонијата со контаминирана вода со Cr6+ се прелева и истекува во правец на реката Вардар и Жеденскиот Масив, а моментално се прелеваат околу 50-100 кубни метри на ден, која содржи околу 800-1000 ml/l Cr6+, или тоа е околу 50-100 кг Cr6+, кои секојдневно истекуваат во реката Вардар“, алармираа научниците уште во јануари, напоменувајќи дека вакви состојби со нефункционалност на пумпната станица во повеќе наврати имало и порано.

„Слободен печат“ пред повеќе од еден месец беше на лице место и го сликаше отровниот исцедок со шествалентен хром како од депонијата во Јегуновце директно се слева во Вардар, но тогаш Министерството за животна средина и управата на Југохром од Јегуновце ја убедуваше јавноста дека се работи за привремен прекин на работата на пречистителната станица, не подолг од дваесетина дена и дека веќе работат на набавка на резервни делови за да биде ставена во функција.

„Депонијата Јегуновце има директно негативно влијание на квалитетот на водата во реката Вардар. Во анализа на речна вода, веднаш под депонијата, најдена е зголемена концентрација на Cr6+ од седум пати, што се поврзува со моменталното нефункционирање на пумпната станица на дренажниот систем под депонијата, како и поврзаност на плитките подземни води под депонијата со реката Вардар“, пишува во Студијата за подземните води и Рашче.

Историски проблем

Влијанието на составот на отпадот од наведената депонија врз промената на квалитетот на подземните води е сериозен историски проблем, за кој се реализирани низа анализи и испитувања на водите, признаваат од Град Скопје во одговорот на советничко прашање кое им го постави советничката на Левица, Драгана Велковска. Оттаму наведуваат дека Градот Скопје изминатиот период реализирал „повеќе активности кои се однесуваат на континуирано следење на квалитетот и квантитетот на водите. Во 2012 година Градот Скопје реализираше проект за изведување пиезометарска мрежа на 36 пиезометри, со кои се врши истражувачки мониторинг и следи квалитетот на површинските и подземните води што ги хранат изворите за водоснабдување-извор Рашче и бунарското подрачје Нерези-Лепенец“.

Во градскиот буџет за годинава биле предвидени и обезбедени средства за дополнителни10 нови пиезометри за испитување на подземните води и два нови длабоки пиезометри кои ќе бидат поставени на акумулацијата Жеден, каде што е проценетата можна, најкратка и најочекувана патека за движење на шествалентниот хром од потенцијалната зона на загадување – депонијата Југохром -кон изворот Рашче.

– Недопустлив е ноншалантниот однос на актуелното раководство на Град Скопје, на чело со Шилегов, кон ризик од овие размери. Од одговорот на моите советнички прашања е евидентно дека градската власт не презела адекватни мерки да одговори на опасноста – вели Драгана Велковска, советничка и екоактивист.

Ваквиот игнорантен став на надлежните институции кон водоснабдувањето како основно човеково право е повеќе од застрашувачки, вели Евгенија Крстевска, експерт по еколошко право, од „Фронт 21/42/“.

– Иако Град Скопје го идентификувал Југохром како потенцијален загадувач на изворот Рашче со шествалентен хром, нема целосни информации за влијанието врз изворот. Особено затоа што станува збор за историска депонија, што значи Град Скопје во изминатите 60 години нема целосни информации за влијанието на шествалентниот хром врз изворот, што е недопустливо. Водоснабдувањето на населението е врвен јавен интерес и загрижувачки е податокот што уште е нефункционална пречистителната станица, а Министерството за животна средина нема предложено преземање на алтернативни мерки до нејзиното оспособување со цел намалување на можното негативно влијание на депонијата врз изворот – вели Крстевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот