Не ми е важна функцијата, двапати се заканив со оставка, вели Димитров

Фото: ТВ Алсат/360 степени/принсткрин

Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека очекувал голем број напади и реакции по неговата прес-конференција на која остро го критикуваше владиниот пристап кон македонско-бугарскиот спор, но дека од некои од тие реакции е изненаден.

-Не е баш дека останав без ништо, па ајде ќе се лутам. Ако била приказната за функција, јас добив понуда за едно од најпрестижните функции, а таа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или сам да си изберам земја. Сепак, таа функција не е толку изложена на јавност, притисок, стресови, а има петпати поголема плата од платата на член на Влада, информира Димитров во емисијата „360“.

Според него, „гајлето што го носи како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да може да го носи сам, затоа што не е внатре“.

-Во битката внатре во два наврати бев принуден да се заканам со оставка, односно им реков ако одите по оваа линија, тоа ќе морате да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен. Ова му го кажав и на премиерот и на министерот за надворешни работи, додаде вицепремиерот за европски прашања во заминување.

Тој останува на ставот дека конечното решение со Бугарија мора да оди на одобрување во Собранието и како причина ја наведува Декларацијата за македонските позиции усвоена од пратениците, како и тоа што и бугарската страна ќе го оди истиот пат – преку нивниот парламент. Тоа, според вицепремиерот, е уште еден филтер и можност за зголемена доверба во евентуалното решение.

Во врска со нападите на неговата изјава дека нема доверба во шефот на дипломатијата, вицепремиерот вели дека еден од посебно бизарните бил дека тоа го рекол затоа што Бујар Османи е етнички Албанец.

„Тоа, прво, никаде го немам кажано, ниту има врска со реалноста. Ќе биде погубно за нашата заедничка куќа ако Македонците не се грижат за албанските интереси и ако Албанците не се грижат за македонските интереси. Ако беше предмет на предизвик албанскиот јазик, јас ќе го бранев со иста страст како што го бранам и македонскиот јазик. Меѓу другото, јас споменав дека несогласувања на таа страна беше и Владо Бучковски, којшто во последно време не беше дел од овие координации, меѓутоа во извесен период беше. Јас колку што знам тој е Македонец“,

рече Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот