Не издржаа затегнатите струни на „хедот“ на Ѓоковиќ

Рeкетот „Хед“ не го издржа притисокот врз него од нервозниот Новак Ѓоковиќ во финалето на Отвореното првенство на САД, во кое светскиот тенисер број 1 загуби од Русинот Данил Медведев во три сета. Празнењето на негативна енергија, собрана во Србинот, не го даде посакуваниот ефект. Затегнатите струни на „хедот“ испукаа како и нервите на Ѓоковиќ пред нерешливата загатка – како да се победи и во последниот, 28-миот меч, по 27-те победи во годинашните грен-слем соочувања. Со противниците, историјата и со себе!

Не тежеше во нозете на Ѓоковиќ заморот од овој турнир, бидејќи помина пет и пол часа повеќе на терените на „Флашинг Медоуз“ од противникот во финалето. Повеќе тежеше важноста на натпреварот, тежа што го забави рефлексот на најеластичниот ритерн-играч во светот кога требаше да возврати на сервис-катапултите со брзина од над 200 км на час на Медведев. Многубројните холивудски ѕвезди што беа присутни на трибините беа само дел од милионите тениски вљубеници во светот што таа ноќ очекуваа да бидат сведоци на тениска историја. Тоа беше поголемо бреме и од вообичаените исвиркувања на големите сцени во Мелбурн, Париз, Лондон и Њујорк, па и од другите борилишта, на кои Ѓоковиќ беше навикнал.

Вториот неуспех во низа на САД Опен (по ланската несреќна дисквалификација) сосема го исфрли од неговиот добро познат ментален баланс. Затоа навреа солзите кога згрмеа стоечките овации упатени кон него од трибините. Сѐ има рок на траење, па и стоицизмот на тенисерот со најдолг „стаж“ на врвот на АТП-листата во моментите на висок емотивен набој. По „мечот што требаше да го игра како да е последен во неговиот живот“ рече: „Не испишав историја, но си заминувам среќен. Срцето ми е полно поради поддршката од трибините. Ме направивте најсреќен човек на светот“, изјави Ѓоковиќ пред да ја прими чинијата наместо пехарот во Њујорк.

Најголема победа во неговото портфолио од овој турнир е тоа што конечно ја придоби публиката во најголемата тениска арена на светот „Артур Еш“. Којзнае дали ќе беше така ако противник не му беше Русин, но и неутралните љубители на тенисот си признаа – Федерер и Надал се минато, Ѓоковиќ е сегашноста чии резултати долго ќе останат ненадминати во иднината.

Неосвоениот 21-ви пехар од турнирите на „големата четворка“ за Србинот и натаму ќе има специфична тежина. Засега останува „нерешено“ со уште двајцата тениски бесмртници, Роџер Федерер и Рафаел Надал, кои како и Ѓоковиќ, имаат по 20 грен-слем титули. Поврзувањето на четирите триумфи од отворените првенства на Австралија, Франција, Англија и САД во една календарска година веројатно ќе биде уште потешка цел за остварување. Исто како и олимпиското злато.

Но најуспешната приказна во машкиот тенис нема тука да запре. ЏокерНоле има уште џокери во ракавот, а и сè повеќе асови – во раката! Ако го послужи здравјето, по само четири месеца е наредната шанса – гренд-слем турнирот во Мелбурн, на кој има освоено најмногу трофеи – девет. И покрај тоа што в година ќе има 35 години, говорот на неговото тело во натпреварите против 10 и повеќе години помладите противници од него не покажува знаци на слабост, Напротив! Како што го унапреди сервисот, тој ќе најде простор да усоврши уште некој елемент од неговата игра (на овој турнир покажа напредок во играта на мрежа) што ќе му го донесе тој поен предност и формално да го верификува она кое сите веќе му го признаваат – дека е најдобар тенисер на сите времиња.

Видео на денот