Не губете го умот за датумот

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Наместо драматизирање, јас би се задржал на овој дел од изјавата на Макрон: „Овој пат ние сме тие на кои им треба малку повеќе време за да ги средиме работите”.

Значи „ние“, ЕУ или Франција, сеедно, бара повеќе време, не вели не. ОК, се бара трпение, нема потреба од сечење вени. А времето секогаш може паметно да се искористи (ако се има памет, де). Со датум или без.

Затоа, тотално е излишна и штетна оваа „антифранцуска“ хистерија, хејтање и тролање на Макрон, на жена му и други простотилаци. Да не зборувам за она блесаво копање по историјата за тоа кога се Франција не зафркнала (од Берлински конгрес до денес, џанам), и егзотични теории на конспирации дека ова го прави во интерес на Србија, на Русија, на Грција и не знам на кого.

Евроинтеграцискиот процес не може да се сфаќа како Евросонг, тоа е маратон со пречки, а не спринт. Кој ги погледнал поглавјата и обемот на работите што треба да се направат кога ќе се отоврат преговорите, има слика за што зборувам. Ако паѓаме во несвест на секоја кривина и сопка, денес од Франција, утре од Бугарија, Грција или кого и да е, сериозно сум загрижен за душевното здравје на нацијата.

Македонија чекаше пред вратата на ЕУ толку години, може да чека уште малку. Освен тие што во датумот гледаат орудие за лични интереси, гласови, политички капитал. Нечесно е со таква мотивација да се поттикнува хајка против една од најважните европски држави (и култури, ако сакате) чија улога во иднина во Европа уште повеќе ќе расте. Посебно од такви изливи треба да се чуваат официјалните лица, иако гледам има и меѓу нив такви што „коло водат“ зашто гледаат прилика сега да се „покажат“ колку се „повредени“, тоест лојални.

Затоа, сограѓани мои, иако сочувствувам со разочарувањето од „блокадата“ на Париз за датумот за почеток на прегововори за членство во ЕУ, апелирам на смиреност, трпение и дигнитет.

(Фејсбук статус на авторот)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот