Не гаснете ги ѕвездите

Макрон се испазари. Пазарот не бевме ние. Ние бевме кусурот. Не се протнавме.Утеха е што истото го доживеа и Албанија. Членството на РСМ во НАТО гарантира безбедност. Интеграција во ЕУ може да причека без да биде загрозена безбедноста на Европа. Европскиот совет изгласа перспектива на ЕУ. Европа не нè отпиша, ниту нè врати назад. Само нè спушти на земја. Народот го заслужува членството во ЕУ, „заратустровски“ проповеда премиерот Заев.

И има право. Народот заслужува, ама не и државните институции и државата. Ние отидовмe во Брисел на последна молитва пред самитот. Ни одеа во прилог што уште две земји го ратификуваа договорот со НАТО. Декларацијата на бугарското собрание, гледано од аспект на нашите укажувања за опасноста во регионот, парадоксално, ама ни одговараше како и изјавата на министерката Захарова. Негативно влијаеше што истовремено имавме уште една афера со мито, што долго време не се процесуираат започнатите судски процеси и што не ги знаеме скриените намери на соседите. Бугарија прва ја призна РМ под уставното име, бидејки призна „втора држава на бугарскиот народ“. Тука ништо не е променето и со Договорот за пријателство. Уште пред десет години укажав на погрешна источна политика, при што не мислев само на Русија, туку и за можните грешки што соседите можат да ни ги направат во финишот на приемот во ЕУ.

По заминувањето на претседателот Глигоров, ја заборавивме Франција, а демек сме во Франкофонијата формално, иако практично не сме. Заборавивме на погребот на поранешниот француски претседател Жак Ширак да испратиме висока делегација. А во кабинетите на претседателот и премиерот имаме советници, самопрогласени интимуси со претседателот Макрон. Можеби тој ден претседателот имал проба кај својот кројач, а премиерот со Анѓушев ги правел пресметките за зголемувања на минималната плата, со оглед на тоа дека буџетот ни пука од пари. Или пак сметаа дека елоквентната амбасадорка во Париз и француските лобисти кај премиерот се во постојана врска со надворешнополитичкиот советник на Макрон, или пак со претседателот лично.

Истото важи и за кадровското решение во Лондон, каде што кротката амбасадорка единствено се вклопи во пословичната англиска влечкавост која милуваат да ја нарекуваат темелност. Сега балканскиот самопрогласен Кисинџер подготвува нова амбасадорка за Стразбур или Брисел (НАТО) во ликот на поранешната преведувачка за англиски јазик, а познатиот кариерен дипломат Жерновски, како главен аргумент за амбасадорите на Заев го наведува стажот во МНР. По таа логика, нему не му е место да биде заменик-министер во МНР. Во што го заменува Димитров?

Ние сакаме членство во ЕУ, а не можеме да пречекаме ниту еден висок гостин без протоколарни скандали. Утре ќе треба да претседаваме со ЕУ. Од членството на ЕУ најмногу ќе профитираат нашите политичари кои во Брисел ја знаат секоја улица. Тие се утрешните членови на највисоките гремиуми во ЕУ, вклучувајќи и комесарски места. Народецот со ветени 500 евра плата нема што да бара во Европа.

Недобивање на датум не е наш пораз. Тоа е наше отрезнување, враќање во реалноста. Димитров, ако веќе го чита и цитира Сартр, можеше да го наведе пасусот од книгата „Егзистенцијализам е хуманизам“, во која Сартр наведе дека „не е важно што некој мисли за себе, туку е важна неговата проекција во иднината“. А проекцијата е во вреднувањето на стореното во споредбата со најдобрите, а не со лутите политички противници во државата. Проекција не се само декларации, туку резултати. Не се проблем предвремените избори и нивниот исход. Проблемот е во државотворниот капацитет. Тука ЕУ е немоќна. Проекција е подобрување на координацијата меѓу носителите на највисоките функции и прецизирање на нивните надлежности. Проекцијата е модерна дипломатија во која не се важни годините поминати во МНР, туку проекцијата на дипломатите во својата професионална работа. Агилниот МНР ништо не направил во афирмација на куќата како валидна институција.Таа повеќе заличува на патничка агенција, отколку на место за креација на надворешната политика.

Нашата аргументација за датумот, сведена на флоскулата „ние исполнивме сè“, не одговараше на реалноста. Исполнивме многу. Оваа власт постигна многу повеќе отколку претходната, на која не ѝ одговараше ЕУ и НАТО од познати причини, но не исполнивме сè. За беља, во финишот – и корупциска афера и блокирано судство.

Паролата на претседателот на државата дека исполнивме сè, дури и името го сменивме, покажува недостаток на претседателско визионерство. Името го сменивме во 1993 година, кога во матичната книга на новородени држави, познат(и) кум(ови) нè заведоа како БЈРМ. Само на лаик не му беше јасно дека нашето уставно име не може да опстои, особено по нашите политички грешки, а и поради тогашната некадарната дипломатија (која до денес е иста). Договорот од Преспа е нашата политичка победа, но не е извојувана само со наша заслуга. Приемот во НАТО, исто така. Приемот во ЕУ ќе биде победа на демократијата и владеењето на правото.

ЕУ да не ја гасне светлата ѕвезда кон која се стремиме, е уште една егзиперовска заблуда на верникот Заев. Ѕвездите не се гаснат лесно. Причина за нивното гаснење е нуклеарната фузија, процес при кој нуклеусите на два полесна атома се спојуваат во еден потежок нуклеус. ЕУ не е небеско тело. Не е ѕвезда, нема сопствена светлина. Светлината е заедничка на сите членки, затоа никој не може да ни ја изгасне.

Ако утре ги чуете ѕвоната на ранетата Богородична црква во Париз, не прашувајте за кого ѕвонат. Ѕвонат и за нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот