Не е само синот на Џафери: Ивановска од ДКСК вели дека правосуден испит масовно се полагал предвреме

Талат Џафери во Собранието / Фото: „Слободен Печат“/Драган Митрески

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска вели дека предвременото полагање правосуден испит било масовна појава во времето кога и синот на Талат Џафери, Барлет Џафери, положил правосуден испит пред да дипломира.

Ивановска во емисијата „Топ Тема” на „Телма“ рече дека погрешно се толкува во јавноста дека Антикорупциска не отвора предмет за случајот со Барлет Џафери. Таа вели „не дека не сакаме, туку дотука можеме да истражуваме”.

– Начнавме еден случај, но за жал мислам тоа било масовна појава во тоа време. Привлече за уши дека е син на познат функционер, но веднаш после тој предмет јас кажав за уште еден таков случај, но не допре до јавноста бидејќи не е познат, рече Ивановска.

Тоа што падна во очи, вели таа, е тоа што воочиле дека во февруари 2015 година Џафери го положил правосудниот испит, а во јули истата година се стекнал со 300 кредити, односно завршил магистерски студии.

Претседателката на ДКСК посочи дека не можеле да откријат кој е тој што му дозволил на Барлет Џафери да полага за адвокат или судија, уште пред воопшто да стане правник.

– И тоа е нашиот проблем, затоа за нас постапката застанува тука, рече Ивановска, додавајќи дека податоци побарале од сите институции и оти таргет за нив се службените лица.

Оттогаш, како што рече, поминати се седум години и делото е застарено. Меѓутоа, додаде Ивановска, за да покренат каква било иницијатива, треба да имаат документ, бидејќи не можат тоа да го направат врз основа на претпоставки.

– Ние го извадивме случајот на виделина. Во тоа време ова било појава. До мене стигнуваат информации дека многу лица се пријавувале да полагаат предвреме правосуден испит, како да имало сива зона во тој период, нагласи Ивановска.

Затоа, како што заклучи, нивната препорака што произлезе од последната седница, е Министерството за правда на веб-страната да си отворат место со дукументи на сите кои се пријавиле како кандидати за правосуден испит и да не се ништат, а од инспекторите побарале да утврдат дали се применуваат законските одредби или повторно се прават злоуптореби.

– Ние треба да имаме систем отпорен на непотизам и корупција кој сам ќе ги отфрла. Може тие деца вредат, но може не вредат, а земаат место на тие шти вредат, рече Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот