Не е само Димитријевиќ, и други млади играчи не сакаат да играат за репрезентацијата

Македонскиот кошаркарски репрезентативец нема да игра во ноември против Шпанија и Украина/Фото: kfsm.mk

Иако најголемо внимание на денешната прес-конференција беше насочено кон Ненад Димитријевиќ, стана збор и за уште двајца млади кошаркари кои, исто така, не ја прифатија поканата од селекторот Драган Бајиќ да бидат дел од овој претквалификациски циклус за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.

Станува збор за Михаил Наумоски и Дино Боцевски кои одлучија да не се појават на подготовките иако требаше да присуствуваат на селективните тренинзи. Наумоски последната сезона играше за МЗТ Скопје Уни Банка, а Боцевски за италијанската Стела Азура.

– Ненад Димитријевиќ не е единствен, тука се и младите играчи како Боцевски и Наумоски кои добија покана, но не се појавија. Јас не ги знам причините за тоа – рече селекторот на сениорската селекција, Драган Бајиќ.

– Михаил Наумоски и Дино Боцевски ги гледавме како иднина на македонската кошарка, високи деца кои можат да направат добри кариери. Причините поради кои не се појавија на тренинзите никој не ги знае. Кога дојдовме на чело на Федерацијата ние навистина рековме дека нема да суспендираме ако некој не игра за репрезентацијата. Но тоа некои погрешно го сфатија, па имаме откажувања и во М14 и М16 и играчи одлучуваат сами кога да се појават, кога не – потенцираше претседателот на кошаркарската федерација, Перо Антиќ.

– Зборувавме и во минатото, но и во текот на ова лето со Душан Боцевски. Рече дека ќе се слушнеме кога ќе дојде време, а по официјалниот повик никој ниту се јави, ниту Дино присуствуваше на подготовките. Ги сметаме за екстра талентирани кошаркари, како него, така и Михаил Наумоски. Уредно беа повикани и во сениорската репрезентација и во нивните соодветни младински селекции, но не се појавија ни таму, ни таму – вели спортскиот директор на федерацијата, Тодор Гечевски.

Бајиќ: Димитријевиќ нека им објасни на Пандев и Лазаров зошто не игра за репрезентацијата

Првиот човек на мак-кошарката, Антиќ: Најмногу сум разочаран од Димитријевиќ

Гечевски: Не знам како не им е мерак да направат среќни два милиони луѓе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот