Не е само Белата куќа, демократите го бранат Сенатот, а републиканците Претставничкиот дом
Освен за претседател, на 5 октомври Американците ќе гласаат и за целосно нов состав на Претставничкиот дом, за една третина од местата во Сенатот, за гувернери на 11 сојузни држави и на две територии, како и за разни прашања на низа окружни и локални референдуми и избори
Додека вниманието на американската и на светската јавност, со право, е насочено кон исходот од претседателските избори во САД, демократите и републиканците се во неизвесна битка за мнозинство во двата дома на Конгресот, кој сѐ уште е моќен механизам за контрола на извршната власт на Белата куќа.
Освен за претседател, на 5 октомври Американците ќе гласаат и за целосно нов состав на Претставничкиот дом, за една третина од местата во Сенатот, за гувернери на 11 сојузни држави и на две територии, како и за разни прашања на низа окружни и локални референдуми и избори.
Иако се одржуваат во исто време, резултатите од изборите за конгресмени и сенатори не секогаш се поклопуваат со оние од претседателските избори, бидејќи кандидатите се фокусираат на политики на федерално ниво, а не на секоја сојузна држава посебно.
Поедноставни се изборите за 435 конгресмени во Претставничкиот дом, зашто се целосни „од нула“. Составот на долниот дом е флуктуирачки, бидејќи се гласа на секои две години – еднаш паралелно со изборот на претседател и уште еднаш точно на половината од неговиот мандат.
Републиканците сега се во позиција да го бранат тесното мнозинство од девет конгресмени во актуелниот состав на Претставничкиот дом. Сега тие имаат 222 конгресмени, наспроти 213 члена од демократската партија.
Битка за Претставничкиот дом
На изборите во 2020 година, кога Џо Бајден го победи Доналд Трамп во претседателската трка, резултатот беше спротивен – демократите освоија 222 места, а републиканците 213. Односот само површно се поклопуваше со оној на делегатите во Изборниот колеџ. Демократските конгресмени добија 77,1 милиони гласови, дури 4 милиони помалку отколку што освои Бајден, а републиканците добија 72,4 милиони, што е за 1,8 милион помалку од гласовите што ги освои Трамп.
Републиканците во 2022 година направија пресврт и стигнаа до 222 конгресмени, што не е ништо чудно, бидејќи Американците на половина од мандатот на претседателот вообичаено гласаат за конгресмени од противничката партија, како битен, но не и решавачки, израз на незадоволство на политиките на Белата куќа, и како обид построго да се контролира моќта на претседателот. Пресвртите на половината од мандатот се производ и на значително послабиот мотив на Американците да гласаат. Во 2022 година, за споредба, републиканците победиле со 54,2 милиони гласови, наспроти 51,3 милион за демократите. Тоа е за по 20 милиони помалку во споредба со 2020 година, кога во исто време граѓаните избираа и претседател.
На 5 ноември ќе се гласа за вкупно 435 конгресмени од 50 сојузни држави. Во Дистриктот Колумбија (главниот град) и во населените американски територии се избираат шест делегати што немаат право на глас во Конгресот. Предизборните анкети укажуваат дека демократите сигурно ќе освојат 167 места во Претставничкиот дом, а републиканците во 174. Како и на претседателските избори, решавачки се само резултатите од битката за преостанатите 94 места. Освен неизвесна битка, тоа укажува дека ниту една партија не може да стигне до супермнозинството од 290 места, што овозможува усвојување амандмани на Уставот и блокирање на каков било закон или мерка наметнат од претседателот. Супермнозинството овозможува и разрешување на претседателот, ако претходно мнозинството од кабинетот плус потпретседателот објават дека шефот на државата не е во можност правилно да ги извршува своите обврски.
Дуели за конгресмени
Од 94-те места издвоени на анкетите како неизвесни, експерти укажуваат дека во 34 ќе биде избран нов конгресмен од спротивната партија. Особено интересни битки се очекуваат во пет изборни единици. Во четвртата единица во Њујорк, сојузната држава што важи за „бастион на демократите“, републиканецот Ентони Деспозито ја брани позицијата од демократската предизвикувачка Лора Гилен. Во Северна Каролина 1 демократот и воен ветеран Дон Дејвис е предизвикан од републиканката Лори Бакхут, која е пензиониран полковник во Армијата и почетник на политичката сцена. Оваа единица се смета за дел од „црнечкиот појас“, сите конгресмени во изминатите 30 години биле Афроамериканци, а републиканец последен пат победил во 1883 година. Но, сега изборните реони се прегрупирани, по иницијативата на граѓански здруженија со цел да се намали гласачката моќ на Афроамериканците.
Изненадување е можно и во Калифорнија 27, во која традиционално победуваат демократите. Но, Доналд Трамп неодамна пристигна директно во Коачела за да го поддржи локалниот конгресмен, поранешниот пилот Мајк Гарсија, во битката против демократот Џорџ Вајтсајдс, кој, пак, беше шеф на кабинетот на НАСА.
Во (сојузната држава) Вашингтон 3 се очекува реванш во дуелот помеѓу Мари Глусенкамп Перез и Џо Кент, откако демократката во 2020 година победи со најтесното мнозинство гласови во историјата.
Секој циклус, секако највпечатлив е изборот во Алјаска поради тоа што најголемата сојузна држава, делегира само еден конгресмен. Во 2022 година Мери Пелтола стана првата претставничка на старите народи што влезе во Конгресот, како и првата демократка од Алјаска по 1972 година.
Републиканците го освојуваат Сенатот
Уште понеизвесна е трката за освојување на Сенатот, во кој демократите сега имаат предност од 1 глас благодарение на поддршката од четворица сенатори што се декларираат како независни. Од вкупно 34 места за кои се гласа на 5 ноември, демократите бранат 24 места, а републиканците 10. Своите позиции решија да ги бранат вкупно 15 демократски сенатори, деветмина републиканци, како и двајцата независни кандидати. Експертите очекуваат дека мнозинството ќе се префрли кон републиканците, бидејќи тројца нивни кандидати атакуваат на сенаторските позиции на демократи во сојузни држави во кои Доналд Трамп победи и во 2016 и во 2020 година. Нема, од друга страна, ниту еден демократ што атакува на позиција на републикански сенатор во сојузна држава во која победил Џо Бајден. Анкети укажуваат дека од 34 места, еден независен кандидат ќе ја задржи позицијата, демократите ќе победат во 15, а републиканците во 14, што би било доволно за промена на мнозинството, без оглед како ќе завршат преостанатите неизвесни битки за уште четири позиции.
Најголем интерес има за битките во „превртливите“ сојузни држави што ќе го решат исходот од претседателскиот дуел – во Аризона, Мичиген, Монтана, Невада, Охајо, Пенсилванија и Висконсин.
Нови гувернери во 11 држави
Американците во 11 сојузни држави и во две територии ќе избираат и гувернери. Осум од овие сојузни држави досега имаа републикански гувернери, а три демократски. Анкетите укажуваат дека Делавер и Вашингтон повторно ќе изберат демократски гувернери, а Индијана, Мисури, Монтана, Северна Дакота, Јута и Западна Вирџинија ќе останат републикански. Се очекува демократите да ја преземат контролата врз Северна Каролина, а републиканците во Вермонт, додека во Њу Хемпшир со изедначени шанси за победа се соочуваат републиканката Кели Ајоти и демократката Џојс Крејг.