Не е предоцна да се спаси разнишаната туниска демократија

Фото: EPA-EFE/Khaled Nasraoui

Европската Унија и САД треба да го употребат своето влијание за да му се спротивстават на државниот удар направен од тунискиот претседател Каис Саид

Тунис, каде што започна синџирот на востанија што стана познат како „Арапска пролет“, се расплетува. Пред една деценија, таа земја беше домаќин на единствената регионална револуција што роди демократска власт. Сега, оваа северноафриканска држава, лабораторија за реформи уште од 19 век, ризикува повторно да се приклучи на редовите на автократијата, додавајќи уште еден мрачен облак над арапската иднина.

Каис Саид, претседателот избран во 2019 година, минатата недела го разреши премиерот, го суспендираше имунитетот на парламентот и неговите членови, ги отстрани министрите за правда и одбрана, испразнувајќи ги нестабилните, но вистинските институции на Тунис. Многу Тунижани ова го нарекоа државен удар. И така е. Но, многумина го поздравија крајот на хаосот.

Горчина на дното

Саид го погази договорот за поделба на власта од 2013-14 година заснован врз трипартитно раководство на претседателот, премиерот и парламентот. Во таа формула изостана создавањето на уставен суд за носење мериторни одлуки, особено во врска со членот 80 од Уставот на Тунис. Тој член му овозможува на претседателот да преземе овластувања во итен случај, но само по консултација со премиерот и претседателот на парламентот.

Саид го започна својот скок во темнината игнорирајќи ги средствата за контрола и баланс во државата што очигледно има за цел да ги уништи. Претседателот го отпушти Хикем Мечичи, независниот премиер. Го тргна настрана Рахид Ганучи, претседателот на парламентот и лидер на нејзината најголема партија, „Енахда“, исламистичкото движење кое стоеше настрана во 2013 година за да овозможи успешна поделба на власта.

Соништата на обичните Тунижани за живописна иднина по „Јасминовата револуција“ во 2011 година, која ја собори долгата тиранија на Зин Ел Абидин Бен Али, веќе се натопени во горчина. Довербата во владата, по нејзините неуспеси во борбата против корупцијата, развивањето на инклузивна економија или испораката на основни јавни услуги и стоки, веќе го допре дното пред катастрофалното справување со вонредната ковид-состојба. До оваа пролет, јавната доверба во власта беше на пониски нивоа отколку оние во пропаднатите држави како Либија, Ирак и Либан.

Сафван Масри од Универзитетот „Колумбија“, кој е автор на книгата „Тунис: Арапска аномалија“, ваквата ситуација ја квалификува како „многу вознемирувачки развој и навреда на сите демократски револуционерни придобивки што беа постигнати во изминатата деценија“. Саид, додава тој, „нема уставна основа за спроведување на донесените одлуки“. „Тоа е државен удар“, заклучува Масри.

САД и ЕУ воздржано набљудуваат

Растечките граѓански немири во Тунис имаат минлива сличност со демонстрациите против „Муслиманското братство“ во Египет по револуцијата на плоштадот Тахрир што ја урна диктатурата на Хосни Мубарак. Египќаните тогаш тесно го избраа исламистот Мохамед Морси за прв демократски избран претседател на нивната земја. Наместо да управуваат за секого, припадниците на „Муслиманското братство“ се одлучија да ги колонизираат египетските институции, отуѓувајќи ги сите, освен своите поддржувачи.

Ганучи, 80-годишен ветеран во исламистичката политика, ги повика приврзаниците на „Енахда“ да се повлечат од улиците за да спречат, како што ги нарекува партијата, „крвавите провокации“ од страна на оние кои стојат зад пучот. Наместо тоа, тој повикува на дијалог.

Во Египет во 2013 година масовните демонстрации поттикнати од армијата доведоа до државен удар што на крајот го постави поранешниот началник на армијата Абдел Фатах ал-Сиси во позиција на апсолутна власт што тој сѐ уште цврсто ја држи. Војската станува најмоќниот економски двигател во Египет, сѐ уште финансиран со годишна дотација од 1,3 милијарди американски долари од САД.

Како што САД и ЕУ се воздржуваа додека Сиси го спроведуваше својот план, така и сега тие од страна набљудуваат во која насока дува ветерот во Тунис. Оваа политика е кратковида. Неможноста мејнстрим-исламизмот да најде место во демократските контексти е катастрофална порака за арапската иднина. Тоа е благодет за џихадистите, овозможувајќи им да се расправаат дека демократијата не е само општествен ќорсокак, туку дека е и безбожна.

 Силни узурпатори, слаби институции

А, Тунис беше поинаков. Повеќе од век и половина има изградено институции, вклучително и синдикати; спроведени реформи кои обезбедија квалитетно образование и поголема еднаквост на жените; и ја релаксираше религијата од јавниот живот. И покрај победата на изборите во 2011 година, под притисокот на синдикатот и граѓанското општество исламистичката „Енахда“ застана на страна во 2013 година, а нејзините членови се ребрендираа како муслимански демократи.

Масри истакнува дека Тунис „нема хегемонистичка војска што е алатка за угнетување, како во Египет… Туниската војска наместо тоа игра посредничка улога во земјата со силни демократски институции. Ова ми дава надеж.“

САД и ЕУ сѐ уште имаат влијание што треба да го користат во Тунис. Би било катастрофа земјата да се остави да се лизне во остатоците на арапската автократија. Западот, особено Европа, има потреба од обмислена политика за да се справи со Блискиот Исток, а не само реактивен став кому му е поудобно да се справува со силните узурпатори отколку со слабите институции што треба да ги поддржува. Губењето на Тунис би било катастрофа.

(Преземено од Financial Times – Сторијата е објавена во прилогот СП Неделник во викенд изданието на Слободен печат од 31 јули – 2 август 2021)

Видео на денот