Не е паметно да ја отруеме кравата затоа што некој краде млеко

По третата чаша „Лепово“, ми доаѓа да мислам дека Брисел не остави без датум за да можеме да си ги преброиме идиотите. Не така мала групација што се факторизира преку инсталацијата што се вика вмро-дпмне. Сега, откако тој попис е завршен, нема причини да не ги почнеме преговорите со отворање на првото поглавје: радикална смена на политичката конфигурација, преку маргинализација на попишаните и решавачко, храбро и страсно, излегување од формата која нè дави, нè враќа на мечкини и не знам какви сè камења и на гвадалкивири, да, на жртвените места на кои Татковината треба да ја удавиме во нашата крв, односно да ја избањаме во вмровската киселина, во која националната супстанца исчезнува побргу отколку што најтврдокорните дамки исчезнуваат под дејствието на најсилниот вениш.

Тоа што Груевски го бараше за крај, ние мораме да го оствариме за почеток: две третини. Тоа е смислата на историскиот момент. Да се обединиме против простоќата во себе. Да ја симнеме јамка на вмро додека рацете ни се уште слободни. Не го заборавам СДСМ, не се секирајте.

СДСМ е проблем, но тој факт не смее да ни ги помати приоритетите.
Не смееме да ги казнуваме тие што крадат млеко така што ќе им ја отруеме кравата.
Макар што не треба да ја исклучиме и таа можност.
Сирота крава.
Тоа би било така македонски.
Но, мораме да се обидеме да бидеме на нивото.
Тоа е, можеби, последната шанса за Македонија.
Последна, но голема и елегантна.
Над нашите заслуги!?
Оу, да, секако.
А, можеби и не.
И покрај сè.

Моментот што не смее да се пропушти го дефинираат две, односно три работи: прво, тоа се многу сериозните најави дека, под одредени услови, Франција би можела да ја крена блокадата на одредувањето датум за почеток на преговорите, второ, тоа се изборите на 12 април, на кои ваквиот развој на настаните мора политички да се капитализира преку жесток пораз на оние што ја кочат Македонија на секој чекор, кои ништо друго и не работат, бидејќи се злосторничка организација за кочење и по можност за уништување на Македонија, скотови кои уживаат во секоја несреќа што ќе ѝ ја направат, од собраниските блокади и пучеви, преку палењето на смрдливите контејнери и прекрасните шуми, до новинарските џипови и простата маса со прегорено машинско масло, односно боринките на лажните идентитети, како и со другите неподносливи плачипичества и тралалајки, таа, значи, туземска деноминација на иселениот капитал и, трето, преку една идеја, програма и доктрина што таа и таква политичка победа ќе ја искористи како основа за радикална преобразба на Македонија, за освојување сосема нови нивоа на саморазбирањето, постоењето и животот. Што ќе нè натера да посакаме, што би рекол Гомбрович, својот живот да го почнеме од почеток и да престанеме да бидеме само последица на минатото. Тогаш, додавам јас, ќе се искачиме на повисокото ниво на историјата, ќе добиеме нова квота историско време и ресурси, ќе се добиеме себеси!

Во остварувањето на таа задача, скоро пишував на таа тема, мораме да совладаме еден апсурд и да оствариме еден подвиг. Апсурдот е во тоа што длабокото и квалитетно, ако така може да се каже, македонството, задолжително бара сериозен отклон, ослободување на Македонецот од Македонија, од нејзините стеги кои го прават не цел човек, стиснат во себе, згрчен, вмрофилен, односно утепан, со вморонскиот фолклор што му го поматува умот и му ги потиснува потенцијалите, тоа е тој апсурд за кој Македонците, тоа треба отворено да се каже, немаат ама баш никаква смисла, а подвигот е преку ослободувањето за кое зборувавме во првиот став да ослободуваме енергија за индивидуалните остварувања, преку кои и ние ќе оставиме некаква трага на културната, економската, научната, уметничката карта на Европа и на светот. И преку индивидуалниот идентитет ќе се остварува, ќе биде, колективниот. Не обратно.

Тоа е задача на епската национална преродба. Таа проекција може да ни се чини неостварлива, но ако појдеме од убиството на вмро во себе и околу себе, ќе видиме дека тие перспективи не се така недофатливи. Ние се ослободивме од комунизмот, не гледам дека не би можеле да се ослободиме и од национализмот, кој ни се нуди со вечната гаранција на пропаста.

Се навраќам на ова затоа што сметам дека преговорите треба да ги водиме од такви позиции, од позиции на новиот профил на Македонија, односно од профил што подразбира дека вмро-дпмне сме ја ослободиле од маската на политичноста и сме ја пратиле или во депонијата на историјата или во предградијата на иднината, а ние сме се ослободиле од маската на политичката коректност и од лажната историја.

Знам дека тоа изгледа како пробивање на нивото на здравиот разум, но следејќи го Грамши, морам да кажам дека, имено, тоа и ни треба, тоа пробивање на нивото на здравиот разум, затоа што на тоа ниво Македонија се репродуцира како дефектна творба. Дефектноста ни е нормална, здраворазумска, ние сме нормални во дефектот, во кој главен фактор сме ние самите, со најголемиот камен на дефектноста – вмро во сите димензии, од формирањето до денеска.

Макрон најави дека блокадата може да ја симне ако помине новата методологија на проширувањето и ако Северна Македонија и Албанија одработат уште по некоја важна реформа. Упатените велат дека тоа може да се среди до пролет. До март, веднаш по локалните избори во Франција. Јас сум оптимист затоа што мислам дека до тогаш ќе се разбистри дека отворањето на преговорите не е нешто што е спротивно на неопходноста од реформи во самата Унија, туку дека е аспект на реформите. Макрон е во право кога предупредува дека Европа мора да се трансформира затоа што се движи во насока во која го губи геополитичкото значење и способноста да управува со своите интереси, но на тој план проблем се времето и чистите форми на кои инсистира Унијата, а кои светските процеси одбиваат да им ги доделат, не интеграцијата на Западниот Балкан. Сè мора да се решава во од, низ жестоко усогласување и низ конфликт таму кај што усогласувањето нема да биде можно. Преговорите се дел од решението на проблемот, тие не се проблем на Европската Унија, односно таа не би требало така да гледа на тоа прашање. Погледот што го изразува блокадата е, да го употребам изразот на Макрон, пребирократски, односно премалку е политичен.

Јас го делам мислењето на професорот Ружин, кој смета дека средбата на претседателот Пендаровски со Макрон е овозможена, имено, поради прогресот во францускиот став.

Многумина го критикуваат Заев дека се ставил на картата на европскиот успех на Македонија, а јас мислам дека работата е во тоа на 12 април да им покажеме на тие што се ставаат на крахот на тие перспективи и упорно работат во таа насока, што е критичко отфрлање на дивото месо од националниот организам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот