Маричиќ: Не е на нас политичарите да пресудуваме или да кажуваме за кој било случај и судска одлука дали е некој виновен или невин

 Говорот на омраза е кривично дело и ние секогаш како Влада сме застапувале спуштање на какви било тензии, секоја институција да си ги работи своите должности затоа што само на тој начин може да ги заштитиме и граѓаните и јавната безбедност на среден и на долг рок.

Ова го потенцираше денеска министерот за правда Бојан Маричиќ во Куманово, одговарајќи на новинарско прашање во однос на судски решенија за кои има револт и протести, како и говор на омраза на социјалните мрежи.

Многу случаи во јавноста предизвикуваат и реакции и интерес и различни мислења, истакна тој, додавајќи дека должност на Владата е да овозможи судот да одлучува непречено за сите постапки, конечната  одлука ја има судот.

Маричиќ порача дека ако сакаме да градиме правна држава, стабилен систем што ќе дава резултати,треба судот врз основа на докази да ги носи одлуките.

– Не е на нас политичарите да пресудуваме или да кажуваме за кој било случај и судска одлука дали е некој виновен или невин, или колкава треба да биде казната, рече Маричиќ.

Прашан за мерките за реформа во судството, тој нагласи дека за секој случај има можност која било од странките пред Судскиот совет да ги изнесе сопствените сомнежи, а Судскиот совет е должен да ги провери наводите на било која стрнка, во било кој случај дали се основани или не.

Маричиќ ги повика сите што имаат сомневања за кој било случај да упатат претставка до Судскиот совет. Напомена дека се создадени законските услови уште во 2019 година и од тогаш до денес имам 11 судии разрешени, има и други постапки, има и интерен план на Судскиот совет за проверка на работата на судовите и претседателите на судови и, како што истакна, тоа е добра основа за да очекуваме дека ќе има поинаков квалитет во судството и оти тоа ќе даде резултати.

– Ние како извршна власт сме на располагање на судската власт за создавање услови, за обезбедување ресурси и за создавање политичка клима во која нема политичарите да ги утврдуваат судските пресуди, потенцира министерот за правда Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот