Не е лесно да ја импресионирате свекрвата: Обидете се со Свекрвина торта

Фото: Профимедиа

Состојки:

За првата и за третата кора:

500 грама брашно
200 грама маргарин
100 милилитри млеко
250 грама шеќер
1 прашок за печиво
2 лажици какао

За втората кора:

5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
1 прашок за печиво

Фил:

1 литар млеко
3 кесички пудинг од ванила
10 лажици шеќер
250 грама маргарин

Напомена: Трите кори задолжително печете ги во кружна тава за печење со иста големина.

Подготовка:

Во подлабок сад ставете ги брашното, маргаринот, млекото (млако), шеќерот, какаото и прашокот за печиво. Од овие состојки, месете тесто што ќе го поделите на два еднакви дела. Едното од тестата, ставете го да се пече во претходно загреана рерна на температура од 200 степени околу 20 минути. Кога тестото ќе биде готово, извадете го од рерна и почекајте неколку минути за да се олади за полесно да го извадите од тавата за печење. Кога ќе го направите тоа, во истата тава што повторно убаво ќе ја подмачкате со масло за јадење или со маргарин, ставете ја да се пече и втората кора.

Кога двете кори ќе бидат готови, оставете ги убаво да се изладат пред да почнете со филувањето.
Почнете со подготовка на кората што ќе треба да ја ставите на средина.

Во сад, ставете ги јајцата и шеќерот и со помош на миксер изматете цврста пена. Потоа малку по малку додајте го и брашното и прашокот за печиво. Сите состојки убаво измешајте ги и добиеното тесто ставете го да се пече во истиот плех во кој претходно ги печевте и двете други кори. Печете ја оваа кора околу 25 минути. Откако ќе биде готова, извадете ја од тавата за печење и почекајте комплетно да се олади. Додека чекате корите да ја добијат посакуваната температура, почнете со подготовка на филот.

Во тенџере на оган ставете го млекото да зоврие заедно со шеќерот. Потоа, во млекото истурете ги ќесичките пудинг. Сварете го пудингот и тргнете го настрана да се излади. Кога ќе биде целосно изладен, во него додајте го маргаринот и убаво измешајте ги состојките со рачен миксер (ако сте љубители на лимонот, во смесата можете да додадете и неколку капки лимон).

Откако филот е подготвен, а корите готови, можете да почнете со филување на десертот.
Ставете ја кафената кора, а врз неа додајте дел од филот. Одозгора ставете ја жолтата кора и повторно филувајте. На крај, ставете ја и втората кафена кора.

Тортата премачкајте ја со остатокот од филот. Декорирајте по ваша желба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот