Не е доволна фракција, треба нова опција

Соња Христовска Угриновска
Соња Христовска Угриновска

На Македонија и на нејзините граѓани не им требаат веќе само ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ, па колку сакаат нека се реформирани, слободни, демократизирани и со по десет натпреварувачки фракции во секоја од нив. Тоа е вресокот на огромното тивко мнозинство од стотици илјади луѓе што апстинира на сите избори

Христијан Мицкоски бил целосно потрошен политичар, му влепи етикета на партискиот лидер вмровецот Оливер Андонов, веројатно несвесен дека со фројдовскиот лапсус само потсвесно се опиша себеси од времето кога на бегалецот Никола Груевски му послужи како потрошна роба и буквално ни го продаде како „министер од еден ден“. Таков, искусен, Андонов најави дека ќе формира фракција во големата партија за да го урне Мицкоски, но тој и неговите софракцијци заборавија да кажат зошто им е ним ВМРО-ДПМНЕ?

Па, за да им овозможат подобар живот на граѓаните, еднакви можности, развој и просперитет. Да се борат против корупцијата, да воспостават правна држава и да ја укинат мафијата во Македонија, секако. За што друго се сака партија и власт?

Мицкоски е потрошен, да живее фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, кој еднаш бил национален виц, секогаш лесно може да биде и по вторпат, па така одекна и новиот обид на Андонов да стане кредибилен политичар, проследен со кисела насмевка на јавноста, која веќе нема ентузијазам да се смее на партиските глупости. Оти, Андонов не изрече ништо суштинско за општо добро, само пробрмчи како здодевна мува што посакува од медот пред мувотепачката да ја исполни својата суштина.

Неговата најава дека борбата со Мицкоски ќе трае, но на крај членовите и комитетите ќе го натераат да си замине, па ќе се организирале партиски избори што ќе доведат до демократизација на партијата и обединување на членството – звучи многу потрошено. И секоја слична идна ситуација, во која било друга актуелна партија – ќе биде потрошена. Оти, на Македонија и на нејзините граѓани не им требаат веќе само ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ, па колку сакаат нека се реформирани, слободни, демократизирани и со по десет натпреварувачки фракции во секоја од нив. Тоа е вресокот на огромното тивко мнозинство од стотици илјади луѓе што апстинира на сите избори. Просто е. Овие три политички партии повеќе не се доволни за до крај да се артикулираат современите потреби на македонскиот граѓанин кој сака, може и умее да живее подобро, и конечно – заслужува власт што ќе реализира.

Така, тоа што Андонов сакал ВМРО-ДПМНЕ да си ја заслужи буквата Д во името, не е нешто што заслужува особено внимание, туку е само уште една какафонична нота во џагорот на перверзната политичка тројка: предавство, контрапредавство, балансер, дезертер, акција, фракција, криза, тендер, купи-продај, апси-амнместирај, демократизирај, што ни ја свират веќе 30 години. Ние сме принудени да ги слушаме, ама барем веќе не им аплаудираме додека фалшираат и понекогаш викаме и „уааааа“. А штом стивне аплаузот, се знае – време е на сцената да дојдат нови актери, со нова претстава. Не Андонов, не костурите од старите ормани, не истите алати во нови пакувања, туку нови.

Има простор за нови политички партии со идеи во Македонија, има и итна потреба, има и гласачи што едвај би гласале за нечија искрена намера за општо добро. А ако загусти и лошите режисери и артисти не сакаат да ја отстапат политичката сцена, публиката има и јајца за гаѓање, не дај Боже.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот