Не е до логото, туку до она другото?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Во прашање се токму симболите што ја изразуваат самостојноста и независноста на државата од кои главните – идентитетот и јазикот се цел на грабнување на источниот сосед. Токму затоа (не)чистотата на логото побудува револт кај најголемиот дел од населението.

Јубилеите секогаш не враќаат на почетокот на настанот што се одбележува и колку времето е поодминато, толку повеќе сеќавањата остануваат подлабоко врежани во меморијата. Затоа одбележувањето на триесетгодишнината од нашата независност треба да не врати на чинот на осамостојувањето, но и да не направи поединствени, посплотени и поцврсти во развивањето и градењето на иднината. Промовирањето на логото што ќе се користи по повод јубилејот на нашата државност, уште не почнато одбележувањето го постигна обратното и непосакувано дејствие. Јавноста бурно реагираше на дизајнирањето на изгледот кој не е направен по стилот и вкусот на граѓаните, а не е запазена и процедурата во подготовката. На некои им наликува на регистарска табличка, на други на баркод од производите, а најмногу им пречи безредието на симболите. Незадоволни од ваквото решение многумина споделуваат редизајни на социјалните мрежи.

Владата цврсто застана во одбрана на логото, ама не ги ублажи и замолчи реакциите во јавноста. Недовербата е создадена поради неостварените ветувања кон граѓаните, а и нејзината попустливост и умилкување во преговорите со Бугарија за откочување на ветото за започнување на интегрирањето во Европската Унија. Во прашање се токму симболите што ја изразуваат самостојноста и независноста на државата од кои главните – идентитетот и јазикот се цел на грабнување на источниот сосед. Токму затоа (не)чистотата на логото побудува револт кај најголемиот дел од населението кое сака истото да се направи со чисти симболи и пораки, а не „збрда-здола“ испревртени, искрнавени и насилно вметнати делови?!

Посочени се неколку спорни моменти во изгледот на логото – дизајнот имплицира дека се 12 краци, а не 8 колку што има на знамето, но и затоа што не е употребено уставното име на земјата – Република Северна Македонија, туку само Северна Македонија. Исто така, се реагира и на асоцијацијата за „историски фалсификат“ вметнат во логото – се чини дека се одбележува 30 години од името Северна, а не 30 години од независноста. Сепак, најчитливо од направеното е новото име ставено без додавката „Република“ што создава немир поради процесираната загуба со Преспанскиот договор. И, да не ги наведуваме и набројуваме сите маани и други забелешки.

Има барања логото веднаш да се отфрли и да се направи ново со сите нишани! „Зарем не гледате дека е пола знаме, каде е Републиката? Знаат ли да сметаат, 30 години ли сме Северна? Елементарни непознавања, за ликовниот аспект, не сакам ниту да зборувам. Голема дезинформација“ – вели Соња Абаџиева, историчарка на уметност.

Но, држи вода и објаснувањето на Владата што го даде на Твитер дека логото за „30 години независност“ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. „Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е уредено со закон!“ Навистина убаво напишано и стручно искажано, ама народот, кој еднаш „се изгорел од млекото, дува и на маштеницата“. Искуствата од практиката кажуваат дека не треба да му се верува на гаталецот, туку на паталецот!

Со појавувањето логото стана привлечна мета за критики, ама и оправдувањата беа забележителни, кои за жал се игнорирани и отфрлени. Занесен во одбраната на логото еден познат новинар вака ја завршува мислата: „На крајот на краиштата, абе до логото ли дојде!“

Не е до логото дојдено, туку до сето пред него што е дадено и ојдено! Веројатно ова не го согледал господинов и не ја почувствувал загриженоста на граѓаните поради разградувањето и разнебитувањето на државата или пак нешто друго е во прашање?!

Беспокојот на земјата и на населението го опејува и поетот: „Од раѓањето и настанувањето, низ градењето и развивањето, те тишти несогласувањето и те ништи крадењето. Со нови форми на рекетирањето и лажна надеж за справувањето, принудена си на страдањето, да го прифатиш простувањето. О, каков е тој спој за неспокој, ќе изнедриш ли јунак свој, да го разврзе овој јазол твој и сите да нè поведе во бој?!“

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот