Не доцни исплатата на парите од поврат на ДДВ

Фото: МИА

До крајот на мај, граѓаните на своите сметки ќе добијат поврат на средствата од Данокот на додадена вредност за сметките од производите што ги купиле во првите три месеци од оваа година. Од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“ информираат дека нема никакво доцнење во исплатата на паричните средства од „Мој ДДВ“ за првото тримесечје од 2021 година, односно за јануари – март 2021 година.

Од достапните податоци на Управата, може да види дека во последното тримесечје од 2020 година биле скенирани над 67,2 милиони фискални сметки, а вкупниот промет бил 33.398.562.346,00 денари. Со тоа на граѓаните им биле вратени околу 382 милиони денари, или околу 6,1 милиони евра.

– Согласно со член  8 од Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица, ,,враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка на физичкото лице, по службена должност од УЈП, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка. Исплатата на паричните средства од „Мој ДДВ“ започнува по обработка на податоците, на почетокот на месецот или во текот на месецот, но секако завршува во рокот определен со Законот – посочуваат од Управата.

На почетокот на февруари, УЈП, ја започна исплатата на паричните средства од „Мој ДДВ“ за последното тримесечје од 2020 година, а на граѓаните кои скенирале фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ во октомври, ноември и декември 2020 година, им се исплаќаше дел од данокот искажан во фискалните сметки. Проектот „Мој ДДВ“ што Управата за јавни приходи го започна на 1 јули 2019 година, успешно се реализира и успешно ги остварува двете главни цели: враќање назад пари кај граѓаните и сузбивање на сивата економија, велат од оваа институција.

Како една од првите оперативни мерки предвидени во четвртиот пакет антикризни мерки, македонските граѓани лани во октомври првпат добија „Викенд без ДДВ“. За таа цел беа направени и законски измени, кои беа изгласани во Парламентот.

За да ја сензибилизира пошироката јавност за можностите на дигиталната агенда и употребата на е-услуги, од декември 2020 до јули 2022 година, невладината АГТИС го имплементира проектот „Е-услуга како самопослуга“, кофинансиран од Европската Унија, во склоп на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“. Меѓу другото, од АГТИС објаснуваат поради што треба да плаќаме даноци и да скенираме фискални сметки.

– Користењето е-услуги, скенирањето сметки и други „е-активности“, на државата ѝ даваат увид во нашиот капацитет. Ако „НИЕ“ покажеме повисок капацитет, и „ТИЕ“ ќе мора на тоа да одговорат. Како што сака да си го собере данокот, УЈП мора и да обезбеди почитување на закон. Инспекциите се само една од законските работи. Затоа, УЈП измислило „враќање на дел од ДДВ“, кое го плаќате со секое купување. Со скенирањето, ги научивме трговците дека муштеријата бара фискална сметка, затоа што ќе си ја скенира и ќе си добие назад одредена сума, а продавачот нема да може нивниот данок да си го стави во џебот. Добар бизнис и за државата и за вас – објаснуваат од АГТИС.

Народна банка: Годинава раст на БДП од 3,9 отсто и инфлација 2,2 отсто

Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 отсто што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 отсто (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто, објави Народната банка во својот најнов извештај. Кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2 отсто (1,5 отсто во претходната проекција), при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната. За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот