Не добивме „бугарска мајка“, сега бараме „цариградски татко“?!

Фото: МИА

Веројатно повторно паѓаат во вода надежите дека до крајот на годинава би можело да се активираат преговорите помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ) околу решавањето на долгогодишниот црковен спор. Ова, меѓу редови, го соопшти митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој истакна дека решавање на својот статус МПЦ-ОА ќе бара од Вселенската патријаршија, а не од СПЦ, која според црковните експерти претставува најправилен пат за излез од кризата. Од друга страна, српскиот епископ бачки г. Иринеј вели дека СПЦ и натаму останува отворена за дијалог „и покрај државниот прогон што македонските власти продолжуваат да го спроведуваат на верска основа против Православната охридска архиепископија (ПОА) и против архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован“.

Црковните аналитичари сметаат дека по неуспешниот обид со Бугарската православна црква (БПЦ) да се претвори во нејзина мајка-црква, но и по доделувањето на автокефалност на Православната црква во Украина, МПЦ-ОА сега е целосно насочена да го бара решението токму преку Цариград, и покрај тоа што, додаваат тие, македонските архијереји се целосно свесни дека таквото решение би ги одвело во еден нов раскол.

Заладени односи

Неофицијалните сознанија се дека постои расположение од Вселенската патријаршија да го земе предвид нашето прашање на некоја од своите наредни седници, изјави митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, одговарајќи на новинарско прашање какви се сега релациите со Цариград.

– Сѐ уште немаме официјални разговори со Цариградската патријаршија околу прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА. Сите досегашни разговори се неофицијални. Очекуваме дека наскоро ќе се случи да започнат и официјалните разговори. Инаку, од она што досега го имаме како сознание е дека има расположение од Цариградската патријаршија нашето прашање за автокефалноста да го земе предвид на некоја од своите наредни седници. Како понатаму ќе се одвиваат работите по тоа прашање, не можеме ништо да предвидиме, бидејќи тоа ќе зависи од повеќе фактори. Секако дека беше споменато и дека може да стане збор и за политички односи што се однесува до нашата земја и до земјите на Балканот, зашто тоа има помало или поголемо влијание. Очигледно е дека сега сме во едно исчекување да почнат тие официјални разговори помеѓу МПЦ и Цариград – изјави г. Петар.

Запрашан за релацијата на односите со Српската православна црква, владиката соопшти дека односите се заладени.

– Односите се заладени, но не по наша вина, туку по вина на СПЦ. Уште пред неколку години, сѐ што од нивна страна беше побарано, ние направивме. Доставивме и писмо со кое треба да се определат термин и место каде ќе продолжат разговорите, но тоа никогаш не се случи. Мислам дека нема дискусија за некакви добри односи или релации – рече г. Петар.

Тој вели дека односите со Руската православна црква (РПЦ) не се заладени, но дека тие одамна се статус кво.

Мајките не се купуваат

Епископот бачки г. Иринеј вели дека продолжувањето на дијалогот со МПЦ-ОА не зависи само од СПЦ.

– Нашата црква не почнува сега дијалог со своите деца, кои заведувани и заведени, влегле во раскол со неа. Таа го води тој дијалог веќе со децении, од самото настанување на расколот пред 52 години, трпеливо и со љубов повикувајќи ги да се вратат во единство со Црквата, без што тешко дека има спасение. Повикани се да го прифатат вековниот канонски поредок на Православната црква и, исклучиво на таа основа, без вонцрковни мотиви и противцрковни влијанија, да вложат напор да дојдат до целосна црковна самостојност, ако таа им е цел – вели г. Иринеј.

Дијалогот, пред неколку години, беше прекинат заради прогонот на поглаварот на ПОА, архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован, за што одговорноста според г. Иринеј е првенствено кај државниот врв.

– Голем дел од одговорноста носи и јерархијата во раскол, која не само што не го осуди кршењето на основните човекови права и граѓански слободи на вероисповед и совест, туку мирно ги набљудуваше маките на своите браќа и сестри по вера и крв. За жал, некои од нејзините членови беа и поттикнувачи на прогонот или соучесници во неговото извршување – вели г. Иринеј.

Тој укажува дека г.г. Јован денес е на слобода, но потенцира дека сѐ уште нема ослободителна пресуда од судот, со што како што оценува, нов затвор и понатаму му виси над главата.

– И покрај тој тажен факт, ние сме отворени и подготвени за дијалог, а дали и кога ќе биде обновен, не зависи само од нас – посочи г. Иринеј.

Архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован од Православната охридска архиепископија (ПОА), пак, вели дека убаво би било доколку архиереите на МПЦ-ОА конечно сфатат дека седењето на две столици е крајно непристојно.

Нема нови поместувања

По сè изгледа дека по не/успешниот подвиг со БПЦ во 2017 година, а охрабрена со Договорот од Преспа и доделување автокефалност на Православната црква во Украина, МПЦ-ОА е насочена да го бара решението на својот црковен проблем преку Цариград, вели црковниот аналитичар Андреја Богдановски.

Колку овие високи очекувања на МПЦ-ОА ќе бидат поткрепени со конкретна понуда од Цариград, додава тој, останува времето да покаже.

– Кај Вселенската патријаршија засега нема нови поместувања во однос на македонското црковно прашање од она во мај годинава кога проблемот беше ставен на дневен ред. Од друга страна, СПЦ активно го набљудува процесот, бидејќи од расплетот на настаните со македонското прашање ќе зависат и случувањата во Црна Гора каде тамошната политичка елита предводена од претседателот Мило Ѓукановиќ, води кампања за црковно оддалечување од СПЦ – објаснува Богдановски.

Тој ги коментира и последните пораки на епископот бачки г. Иринеј за кои вели дека не се конзистентни со пораките кои беа испратени во мај годинава кога Светиот архијерејски собор на СПЦ донесе одлука за обновување на преговорите со МПЦ-ОА.

Протестно писмо до патријархот Иринеј

Огромно незадоволство пројавија кај српските владици поради одлуката на српскиот патријарх Иринеј да му додели орден „Свети Сава“ на претседателот Александар Вучиќ по повод 800 години автокефалност на СПЦ. Половина од епископите најавија дека нема да присуствуваат на завршната свечена церемонија, а дел од нив преку писмо побараа да се одржи итна седница на Синодот.

Интересно е тоа што во писмото потпишано од четиринаесет владици, наведено е и прашањето за црковната ситуација во Македонија.

„По прашањето за црковната ситуација во Северна Македонија, Синодот од мај годинава ништо не преземал и со тоа ја занемари важната соборска одлука за продолжување на дијалогот со црквата во Скопје која е во раскол. Со вакво однесување создаваме впечаток дека не ни е грижа за единството со севкупниот тамошен народ, а со тоа испраќаме и двосмислена порака до вселенското православие“, наведено е во писмото.

Амфилохиј: Не верувам во украинско сценарио во Скопје

Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј оценува дека обидот на Вселенската патријаршија да го повтори украинското сценарио на Балканот е еднаков на објавување војна со СПЦ. Тој вели дека не верува оти моделот на украинскиот раскол би можел да се повтори на Балканот или во Македонија.

– Што се однесува на Македонија, по сите случувања во Украина, не очекувам преку своите дејствија Цариград да ѝ објави војна на СПЦ. Може сè да се очекува по сето она што се случи во Украина, но јас искрено се надевам дека до такво нешто нема никогаш да дојде – вели г. Амфилохиј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот