Наводно го чуваат, низводно го пуштаат

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Власта има план за планината, со кој под плаштот на заштита на Водно се овозможува натамошна урбанизација.

Поради ерозијата на политичката одговорност Водно се соочува со нова урбанизација, иако со децении е пошумувано за да го штити Скопје од поплави и свлечишта. Власта има план за планината – „Нацрт-одлука за прогласување на Водно за заштитено подрачје од категорија 5“ – кој не само што не забранува градење, туку овозможува и легализација на дивоградбите во значаен дел од Парк-шумата. На списокот на дозволени новоградби се објекти за домување, угостителство, инфраструктура…

Министерот за екологија Насер Нуредини сега молчи, но утре, кога на пополноќни седници корумпирани општински цртачи на маркички за хациенди ќе усвојуваат урбанистички планови, на течен англиски јазик ќе ни објаснува дека носењето ДУП-ови не е во негова надлежност. Со прераспределбата на територијата на дел од Водно, неколку скопски општини, по примерот на езерото Треска, добиваат свое парче зеленило за бетонизација со можност за разнебитување на природата и задушување на  скопските бели дробови. Под плаштот дека наводно го чуваат Водно, всушност го пуштаат низводно, како што беше и кога исекоа шума по сртот заради изградба на гасовод. На еко-активистите, кои пред година и пол како жив штит застанаа пред багерите, им беше ветено дека ќе бидат насадени двојно повеќе дрвја од исечените, но ветувањето уште не е испорачано. Се чека Јани Макрадули тоа да го стори по пошта.

Уште од комунизмот Водно е тој зрачен предмет на желбите како дел од „придобивките на револуцијата“. Единствено на класата од врвот во бескласното општество ѝ беше дозволено да гравитира кон подножјето, каде под нозете на „црвените другари во бели вили“ (Владимир Булатовиќ) гаснеше живиот свет на планината. Тогаш барем имаше една партија на власт. Денес се намножија, и партиите и вилите.

Демохристијаните од претходната врхушка отворено се крстеа во цркви, но скришни им беа гревовите, големи колку нарачаните бонбона-плацеви и високи потпорни ѕидови. На почетокот на веков тргнаа од врвот, со Милениумскиот крст, за да го допрат дното со масакрот „во име на општото добро“ – етносело (денес не знаат што да му прават), Сончев град и пат кон него (патот на пола пат, градот ни на почетокот), полуизградена жичница, непочната ски-патека. Во сенка на бруталниот споменик на апсурдот, недовршената футуристичка телекомуникациска кула без иднина, останаа симболите на едно време – водњанските деминутиви Марково Крувче и Тасино Чешмиче, спомен-топоними од 50-тите години на минатиот век, кога на Водно се сакаа и го сакаа од срце. Време на волонтери кои со експлозив го разбиваа карстот и носеа земја за шумата да фати корен. Акцијашите од тоа романтичарско дамнешно минато го облагородуваа Скопје, не жалејќи плуски на дланките за да ја исцртаат животната линија на генерациите што доаѓаа. Живите сведоци на таа епопеја, исполнета со елан, денес со кисела насмевка ги читаат вестите колку пари заработил „Градски паркинг“ со тарифата од 100 денари за еден час, потег што божем ќе ги набрка автомобилите од планината. Пародија од еко-мерки на локалниве учесници во глобалниот тренд на дефорестација.

Урбанизацијата значи можно затрупување на одводните канали и заштитите од ерозии, велат експертите. Како темен облак е надвисната опасноста утре некој „илјадагодишен стратокумулус“ (синтагма со која по потопот во Стајковци нè просветли партијата „Гром“) да му се „зададе“ на Водно. Во летото 2016-тата врз суводолиците над Стајковци и Сингелиќ за неколку часови се излеаја 93 литри на метар квадратен, што се преточија во цунами-порој што носеше сè пред себе. Однесе и 22 човечки животи.

Скопје е „половина држава“ од аспект на население, институции, економија, безбедност, општествено-политички живот… Затоа, да ги поддржиме професорите кои бараат за скопскиот штит Водно да се донесе т.н. лекс специјалис, односно посебен закон, за да биде заштитено и заштитно. Со штитот или на него!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот