Навлегувањето на возилата на велосипедските патеки мора трајно да се реши

Фото: На точак/Фејсбук

Велосипедистите се задоволни што со реконструкцијата на улицата Орце Николов ќе ја добијат првата општинска улица, односно улица од т.н. секундарна мрежа на територија на Град Скопје, која ќе добие комплетно велосипедско решение.

Потезите каде што нема дрвја и зелени острови и кои се искористени како џебови за паркинг-места, како граница со велосипедската патека имаат спуштен рабник што резултира со слободно навлегување на возилата на патеката, практично, како да сугерираат дека патеката е пристапна за автомобилите и да ги покануваат возачите слободно да влезат. Ова е една од забелешките на неформалната група „На точак“, која ја посочиле во дописот испратен до Општина Центар, во врска со реконструкцијата на улицата Орце Николов. Во делот на отворени прашања и забелешки, во својот допис до општинските власти, велосипедистите исто така реагираат и во однос на рабниците, кои, како што велат, при спуштање и качување на велосипедската патека, треба да бидат направени послеани и на тој начин возењето да биде помазно бидејќи, како што информираат од „На точак“, моментално имаат мал раб и прекршување кое го прави возењето неудобно, а и не е по стандардите за пристапност.

-На само неколку метри од ваквите рабници со прекршен раб на улица Орце Николов, на самиот булевар Климент Охридски може да се забележат целосно слеаните рабници, кои ги користи Град Скопје и кои овозможуваат целосно гладок преод од коловоз кон издигнат тротоар. Ова е исто така важно, не само за велосипедите, туку уште повеќе и за тротинетите и за лицата со посебни потреби. Би било добро доколку Општина Центар се консултира со Град Скопје во врска со искуството за изведба на велосипедски патеки и пристапни тротоари и поуките да се земат предвид во должина на останатиот дел од улицата Орце Николов на кој допрва ќе се изведуваат градежните работи, а на изведениот дел да се коригираат каде што е можно – бараат од иницијативата „На точак“.

Покрај неколкуте забелешки што ги имаат велосипедистите околу реконструкцијата на улицата Орце Николов, во поглед на задоволување на потребите на љубителите на овој еколошки превоз, сепак велосипедистите во дописот потенцираат дека во голема мера се задоволни што улицата Орце Николов во Општина Центар ќе биде првата општинска улица, односно улица од т.н. секундарна мрежа на територија на Град Скопје, која ќе добие велосипедско решение.

-По завршувањето на првиот дел од реконструкцијата на улицата Орце Николов, група членови на „На точак“ ја посетивме и извозевме по новите велосипедски патеки. Конечно во реконструкција на една општинска улица е земен предвид целиот нејзин профил, а не само коловозот како што досега беше случај. Водено е сметка за сите типови сообраќај и со тоа улицата Орце Николов ќе стане веројатно првата т.н. комплетна улица во општинска надлежност во Скопје. Веруваме дека ова позитивно ќе се одрази на многу аспекти на живеењето: изборот и правото на движење со различни превозни средства на граѓаните, квалитетот на живот на жителите, намалување на брзината и бучавата, зголемување на безбедноста и привлечноста на улицата за посетители, што ќе има позитивен ефект и на локалните бизниси – велат од „На точак“.

Според велосипедистите, радува и фактот што широчината на велосипедските патеки овозможува возење два велосипеда еден покрај друг и придонесува за социјалниот аспект на возењето велосипед.

-Очекуваме со изведбата на улицата Орце Николов да се увидат поволностите од ваков тип, комплетни улици. Очекувано е поединци и натаму да зафаќаат јавен простор предвиден за пешаци и велосипеди за бесправно паркирање. Тоа не треба да ја обесхрабри општината да го штити просторот од узурпација и да спроведува ред, да ја гарантира безбедноста и да води зелени политики. Се надеваме дека проектот со Орце Николов е само почеток на едно поинакво планирање на маалата низ општина Центар, со велосипедска мрежа, со смирен сообраќај и по начелата „град за луѓе“ – стои во дописот на неформалната група „На точак“.

Видео на денот